Тим експерти за нуклеарен надзор на Обединетите Нации пристигна во Киев и од утре ќе започне со мониторинг на нуклеарната електрана Запорожје во јужниот дел на Украина, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси информираше дека тимот, што тој лично го предводи, пристигнал синоќа во Киев, на својот пат до нуклеарката, каде планирано е да се врши инспекција од утре до сабота, јави Гардијан.
„Мораме да ја заштитиме безбедноста на најголемата нуклеарна централа во Украина и во Европа“, напиша Гроси на Твитер.
Гроси и тим експерти и инспектори тргнаа во мисија за поддршка и помош во Запорожје, со цел да помогнат при обезбедување на нуклеарната безбедност во украинската електрана, што е под руска контрола, и да преземат витални заштитни активности.
Според Кремљ, мисијата на МААЕ е неопходна, но исклучена е можноста да се напушти локацијата, пишува Гардијан.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба изјави дека Украина од делегацијата на МААЕ очекува да „изнесе факти“ во врска со кршење на сите протоколи за нуклеарната безбедност, додавајќи оти Русија „не само Украина, туку и целиот свет го става во опасност од нуклеарна несреќа“.