Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние вели дека е важно да се донесе Закон за јавно обвинителство, како и оти влезот на земјава во Европската Унија зависи многу и од кредибилноста на судството и од силната борба против корупцијата.
– Пожелно е и важно е да биде донесен Закон за јавно обвинителство, затоа што тоа е барање уште одамна од Европската Унија и од државите членки, затоа што со тоа треба да се зајакнат но и затворат сите судски постапки кои беа отворени и отпочнати од Специјалното јавно обвинителство. Потребно е да се зајакне правната рамка, но исто така и да потсетиме на одредени принципи во однос на очекувањата на меѓународната заедница во поглед на оваа земја особено и во поглед на ЕУ, затоа што станува збор за повторно внесување на чувството за одговорност, но и за основање на судство што ќе биде ослободено од заробеноста на партиите, рече Тимоние во интервју за агенцијата „Макфакс“.
Францускиот амбасадор подвлече дека е потребно и да се воспостави рамка за борба против корупцијата, но и за сите појави кои се појавиле или кои се уште постојат во однос на мешањето на финансиските работи со политичките работи кои што, како што рече, го минираат економскиот развој и довербата на граѓаните во однос на судскиот систем.
– Надвор од прашањата поврзани со усвојувањето, но и со комплицираните преговори за усвојување на законот, мислам дека не треба да го изгубиме од поглед тој хоризонт односно таа цел, бидејќи тоа е цел за вашиот влез еден ден во Европската Унија, кој зависи многу и од кредибилноста на судството но и од силната борба против корупцијата, подвлекува амбасадорот.
Посетата во Париз на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, амбасадорот Тимоние ја оцени како „конструктивна и пријателска“ и рече дека главниот акцент бил ставен на документот на Европската комисија за зајакнување на пристапниот процес.
– Новата методологија што ја предложи Комисијата во голем дел ги содржи предлозите на француската Влада. Чекаме како ќе реагираат другите земји членки во однос на документот, но ми се чини дека сето тоа оди во добра насока, вели Тимоние.
Амбасадорот истакна оти е свесен дека во земјава постои разочарување од Франција, која беше против проширувањето на ЕУ со нови членки. – Да се надеваме дека новата методологија ќе биде воз кој ќе постигне поголема брзина во однос на претходниот, рече во интервју за „Макфакс“ амбасадорот Тимоние.
Извор МИА