Тимоние: Објавувањето нови ,,бомби‘‘ ги одвраќа инвеститорите и ја загрозува европерспективата

by lali

Бомбите за Драги Рашковски го загрижуваат францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој смета дека скандалот го нарушува угледот на државата меѓу потенцијалните инвеститори но се загрозува и европската перспектива. Во интервју за Радио Слободна Европа, Тимоние вели дека треба да се стави крај на праксата со прислушувањето во функција на политичкиот живот.

-Во однос на генералниот секретар ќе кажам дека е неопходна транспарентност во економскиот живот, особено кога станува збор за тендери. Но, сигурно дека тој начин на функционирање преку објавување на „бомби“, преку прислушувани разговори како регулатор на политичкиот систем, поставува голем број на прашања, во врска со компатибилноста со европскиот систем, и затоа јас велам дека толку едноставно да се даде датум за почеток на преговори не мислам дека може да го промени сето ова. Затоа ние тука очекуваме докази, затоа што станува збор за целокупното општество, политичкото, но и целото општество кое треба да се најде во таа динамика, изјави Кристијан Тимоние, Амбасадор на Франција.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека е крајно време обвинителството да формира предмет за случајот и да се одгатне прашањето дали Генералниот секретар на владата е вмешан во коруптивен скандал.

-Дали во овој најнов аудио разговор, Рашковски признава дека набавката е криминална или пак можеби предмет на истрага? Епа сега обвинителството мора да се ослободи од притисоците на власта, од притисоците на Зоран Заев, на Владата, на Рашковски и мора да се заинтересира за овој случај со 7 милионска авната која Драги Рашковски ја договара со фирмата Леонардо по насока на Зоран Заев“, изјави Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

По објавувањето на вториот разговор меѓу генералниот секретар и претставници на италијанската компанија, Рашковски преку фејсбук посочи каде јавноста може да бара одговори за обвинувањата упатени до него.

-Многу е едноставен одоговорот на сите обвинувања. Јавете се во компанијата Леонардо и прашајте: Дали Генералниот секретар ви побарал материјална или друг вид на корист било кога?,напиша Рашковски.

Премиерот Заев, во изјава за медиумите, вчера рече дека уште смета оти Рашковски не прави ништо спротивно на законот и додаде дека не ја слушнал новата аудио снимка.

 

Поврзани новости