Впечатокот е дека процесот за имплементација на Договорот од Преспа во Македонија е завршен. Останува процесот да се доведе до крај во грчкиот Парламент. Не постои резервен план за Преспанскиот договор освен да се најдеме во состојбата на блокада во која сме биле досега и која многу скапо ја чинеше Македонија, вели францускиот амбасадор Кристиан Тимоние.
-Мислам дека не треба да се ставаме во таква хипотеза, затоа што, според мене, не постои резервен план освен да се најдеме во состојбата на блокада во која сме биле досега и која многу скапо ја чинеше Македонија, но која ништо не ја чинеше грчката страна, која, пак, си ги има сопствените внатрешни проблеми. Тоа би бил особено голем проблем за Македонија. Животот продолжува, но може да продолжи на подобар начин со маршрута што е веќе обележана, за која ќе биде потребно време. Другата алтернатива е да се остане парализиран на патот кон ЕУ. Тоа е најголемиот ризик. Но, ние не сакаме да размислуваме за таа теза, затоа што храбри чекори беа направени од страна на премиерите на двете земји и се надеваме дека и двете собранија ќе успеат да го доловат историскиот момент, вели Тимоние запраша што доколку Договорот не помине во грчкиот Парламент.
Во однос на реформите, тој е дециден дека тоа е сериозен процес кој бара инклузивност и функционален Парламент кој би функционирал на ниво на еден европски Парламент, во кој постои свесност и обединетост околу државниот интерес што ќе доведе до обединетост и во општеството при спроведувањето на реформите.