Германскиот и францускиот амбасадор во земјава со пофалби за досега стореното, но без гаранции дека земјава ќе го обезбеди долго посакуваниот датум за преговори на есен.
На дебатата на советот за евроинтеграции и двајцата кажаа дека датум ќе има, но не прецизираа кога. Францускиот амбасадор Тимоние повтори и дека за официјален Париз приоритет е реформа на унијата, а на земјава и порача да продолжи со реформската агенда. На ова одговори претседателот на советот Никола Поповски кој кажа дека земјава долго време е во чекалната на унијата, и повика реално да се согледа ситуацијата.
Заклучокот од советот на министри и денеска ги скара власта и опозицијата за тоа дали земјава добила консензуална одлука во Луксембург и дали ќе се обезбеди датумот за почеток на преговори во октомври. Од опозицијата ја обвинија власта дека манипулира со јавноста, од таму пак возвратија дека годинава е најуспешна до сега во евроинтеграциите.
Следната шанса за земјава да го обезбеди посакуваниот датум за почеток на преговори со Унијата е на 17 и 18 октомври во Брисел за кога е закажана седницата на Европскиот совет, на кој се очекува да доминираат темите за конечниот излез на Британија од Унијата и новиот состав на Европската комисија.