Прво го очекуваме извештајот на Европската комисија што ќе даде преглед за напредокот на реформите, особено за области кои се однесуваат на владеењето на правото, а потоа сите заедно ќе направиме проценка за реалната состојба во однос на тој напредок, вели францускиот амбсадор Кристијан Тимоние за Радио Слободна Европа, во однос на прашањето дали земјава е подготвена за датум за преговори во јуни.
-Свесни сме дека беше спроведена голема работа, постојат законодавни промени, отворање на нови институции и слично. Но, знаете како велат – за секое дрво ќе судиме според овошјето што тоа ќе го даде – вели Тимоние.
Во врска со преговорите за статуст на СЈО, тој смета дека оваа институција треба да си го најде своето место во правниот поредок на оваа земја.
-Овој закон треба да биде солиден за да може да се спречат злоупотребите од минатото и да се превенираат сите потешкотии кои можат да се појават, но исто така и да се спречат такви злоупотреби во иднина, да се зголеми довербата кај граѓаните – истакнува францускиот амбасадор, додавајќи дека законот треба да се донесе со консензус меѓу големите политички партии.
Тој порачува дека не е точно дека Франција е скептична во однос на членството на државава во ЕУ, посочувајќи дека ги поддржува нашите напори за приклучување кон Унијата.
-Претседателот Макрон ја објави својата Стратегија за реинвестирањето на Франција на Балканот и со тоа покажуваме дека не само што не се спротивставуваме, туку со сите земји од овој регион сакаме да работиме на европска интеграција на регионот, ама кога ќе дојде време. Кога е тој ден? Во моментот имаме огромна пречка. Го следевте сето тоа што се случуваше со Брегзитот и ние самите не знаеме кога таа голема земја членка ќе излезе од Унијата или нема. Видовте како ние не знаеме колку пратеници ќе имаме во парламентот и мислам дека не треба да се потценуваат огромните потешкотии што ќе бидат неопходни за редефинирање на Унијата поради Брегзитот, но и поради сложените односи на земјите внатре во Унијата со земјите од Источна и Централна Европа во поглед на правната држава и со сето тоа се покренува прашање кај јавното мислење во однос на моментот и брзината на проширувањето. Самите ние сме во една предизборна состојба и ќе треба да побараме од нашите граѓани да го потврдат или не целокупнoто градење на ЕУ – објаснува Тимоние.