По отстранувањето на синоќешните блокади предизвикани од насилници кои очигледно сакаа да предизвикаат хаос, „Тиквеш“ денеска продолжи со откуп на грозје од оние кооперанти кои согласно утврдената динамика беше планирано и беа повикани да го предадат грозјето во текот на вчерашниот ден.
Уште еднаш нагласуваме дека „Тиквеш“ е единствената винарница во земјава која и оваа година дефинираше највисока цена, ја почитуваше договорената цена за откуп на вранецот од 13 денари за килограм и од 11 денари за смедеревката и се обврза да откупи најголема количина грозје досега.
Истовремено, „Тиквеш“ беше и првата винарница која на најтранспарентен начин ги објави цените и условите по кои ќе го откупува грозјето, при што точно го наведе и нивото на квалитет на грозјето што ќе го откупува.
Винарницата и понатаму останува на својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што на тој начин се штити и интересот на оние над 2100 лозари со кои Тиквеш веќе има потпишано договори, а кои со макотрпна работа ги исполниле стандардите за квалитет на грозјето што им гарантира и многу повисока цена.
На незадоволните пет до шест поединци кои синоќа го блокираа влезот во винарницата и со тоа го попречија откупот, а чие грозје не ги задоволуваше минималните критериуми за квалитет неопходен за произвдство на вино, од страна на раководството на „Тиквеш“ им беше понудено да им биде преземено за преработка во вински дестилат, при што им беше понудена соодветна цена од осум денари по килограм која ќе им ги покриеше нивните основни трошоци. Но, и покрај тоа, ваквата понуда беше одбиена од нивна страна. Претходно токму тие поединци се обидоа да манипулираат со квалитетот на грозјето кое го донесоа на откуп, кое беше со многу понизок квалитет и шеќерност отколку примероците, кои согласно утврдената практика, претходно ги донеле за проверка.
Сметаме дека целта на ваквите манипулации со стандардите и правилата е исполнувањето на одредени лични и политички интереси. За жал, во оваа игра најголеми жртви се токму вистинските лозари, оние кои ги почитуваат сите стандарди и договори, посветено работат и произведуваат квалитетно грозје и кои, од страна на поединци и луѓе кои немаат никаква врска со вистинското лозарство и на кои тоа им претставува само хоби и средство за остварување на други цели, им беше оневозможено да го предадат своето грозје и за него да ја добијат вистинската вредност.
Но, и покрај сите опструкции од поединци и политички мотивирани групи, „Тиквеш“ ќе остане доследен во исполнување на својата долгорочна развојна стратегија која се темели на партнерство со вистинските лозари, преку почитување на светските стандарди за квалитет и на пазарните правила и механизми.