ТикТок воведува временско ограничување од еден час дневно за малолетниците

by Фокус

Апликацијата за видеа ТикТок поставува дневно ограничување од 60 минути на времето поминато на екранот за корисниците помлади од 18 години. Доколку малолетниците ја достигнат границата, ќе мора одново да внесат лозинка за да продолжат да ја користат услугата истиот ден.

Според Би-би-си, функцијата ќе биде воведена во текот на наредните недели, а младите, сепак, ќе имаат можност да ја одбегнат, односно исклучат ваквата опција.

Платформата за видеа која е во сопственост на кинеската компанија „БајтДенс“ рече дека ја воведува функцијата за да им помогне на луѓето да одржуваат контрола врз времето поминато на екраните на уредите.

Секој малолетник што ќе се откаже од новото ограничување од 60 минути и ќе поминува повеќе од 100 минути дневно на апликацијата, ќе биде охрабрен од ТикТок да постави свои ограничувања за времето поминато на екранот.

Си-ен-ен пишува дека ова е еден од најагресивните чекори досега преземени од страна на една компанија за социјални медиуми во обид да ги спречи тинејџерите да „скролаат“ бесконечно на екранот.

Потегот на ТикТок доаѓа откако социјалните мрежи подолго време се соочуваат со истрага околу нивното влијание врз младите корисници, вклучувајќи го и нивниот потенцијал да им прикажуваат штетни содржини на тинејџерите.

ТикТок во моментов се соочува и со зголемен притисок од повеќе земји околу безбедносните грижи за нејзините врски со Кина преку матичната компанија „БајтДенс“.

Поврзани новости