Младата пејачка Тијана Периќ во средината на септември на македонската јавност и се претстави со својата прва песна насловена како „Писмо“ во главна соработка со Ѓорѓи Крстевски и пијано поддршка од Дино Имери.
Во разговор за „Фокус“, таа раскажа за целиот процес на снимањето на песната, но говореше и за тоа како би сакала да се движи нејзината кариера.
Вашата композиција изобилува со многу музика и се чини дека акцентот е ставен на хармонијата. Како всушност се создаде оваа песна и колку долго се работеше (и како течеше целиот процес)?
– Првично замислата беше, да си тече песната како и секоја нормална композиција. Но Ѓорѓи дојде до идеја дека би било многу убаво и уникатно да се вметне инструментален дел во продолжението од песната кој исто така самиот тој го искомпонира. Ме повика во студиото и ми го пушти инструменталот кој го имаше направено со цел да ме претстави и како пијанистка, затоа што освен тоа што пеам, јас свирам и клавир 12 години, и откако го слушнавме посебно инструменталниот дел, а потоа ми ја пушти и целата верзија споена која трае цели 8 ипол минути, морам да признаам дека од првиот момент кога го слушнав сето тоа како една целина, буквално се заљубив во звукот и идејата. Целосната верзија од „Писмо“ со се аудио и видео запис се работеше околу 4 и пол месеци.
Ѓорѓи Крстевски е име кое остави неколку хитови во минатото. Како дојде соработката со него и каков е тој во студиото?
– Размислувањето за соработка со кого да биде мојата прва песна беше долго. Тоа што го одбрав Ѓорѓи не беше ни малку случајно. Иницијатор за нашето запознавање беше мојата мајка која што веќе имаше комуникација со него. Инаку Ѓорѓи во студио е човек кој што дава максимална посветеност во она што го работи, внимава на секој детал, споделува многу идеи и свои размислувања и навистина беше големо задоволството да се работи со него, и сето тоа беше со една голема леснотија што секогаш кога ќе бевме во студиото часовите буквално летаа и миговите таму беа едно огромно и незаборавно искуство. Исто така морам да напоменам дека лично нашите ставови и размислувања околу се она што го работевме беа идентични и тоа го правеше целиот процес уште полесен и поуспешен.
Какви се неговите реакции по излегувањето на песната на платформата Јутјуб?
– Неговите реакции се позитивни.И од она што нему му го кажуваат оние кои што го познаваат дека навистина сме направиле нешто посебно и уникатно, а исто и она што ние му го кажуваме како информација што нам ни го кажуваат луѓе кои што се и од музичката фела а и од други правци во уметноста, а тоа е дека навистина „Писмо“ е нешто специфично и убаво и тоа кај него буди уште попозитивни и убави реакции.
Како би сакале вие да се движи вашата кариера – поп музика или можеби ќе подлегнете на притисокот од нашите соседи и ќе почнете да го истражувате и турбофолкот?
– Се она што е музика го почитувам, меѓутоа мој личен вкус и она како јас би сакала да се движи мојата кариера е да бидам во делот на поп музиката. Тоа е така затоа што чувствувам дека во таквите песни би можела најубаво да ја пренесам мојата емоција во секоја песна, а притоа и слушателите да успеат да ја почувствуваат истата емоција што јас сум ја чувствувала, додека сум ја изведувала песната. Имам свој стил и ќе го негувам секогаш, што значи дека не би си дозволила да подлегнам под било каков притисок и од било кого за да се промени тоа што јас сакам да го изведувам и всушност тоа што сум јас.
Дали во иднина се гледате како претставник на Македонија на Евросонг?
– Евровизијата во суштина не е тоа што некогаш била. Сето тоа што се случува таму околу гласањето ми се чини дека е и вмешување на политики од одредени земји, и ми се чини дека Македонија со кого и да се претстави никогаш нема да освои прво место. Во однос на тоа дали би сакала да настапам, мислам дека секој музички изведувач сака да се појави на таа сцена и да ја претстави својата земја со некоја соодветна композиција. Јас лично би сакала да настапам поради самото искуство, сите шанси за нови познанства со изведувачи од различни земји, сето тоа целосно да се доживее, е едно големо искуство и доживување, и голем плус за секој музички изведувач, иако повторно ќе напоменам дека за нашата земја кога не успеа нашиот Тоше Проески да освои прво место со сето она што тој го поседуваше, мислам дека никој друг не ќе може.
Сметате ли дека на младите и релативно непознати пејачи во Македонија им се дава доволно простор на музичката сцена?
– Како прво сакам да кажам дека во нашиве медиуми, поконкретно телевизиите скоро и да нема емисии посветени на музичките уметници каде што ќе можат да се претстават себеси и со некоја нова песна, а и конкретно за нас младите кои што го почнуваме својот пат, пак да не претстават пред јавноста со цел што повеќе од публиката да нѐ запознае. Се надевам дека тоа во иднина ќе се промени, уште повеќе што уметноста е нешто што не може секој да го поседува и не може секој да се занимава со тоа, и тоа треба повеќе и да се вреднува и да се презентира до јавноста. Верувам дека уредниците на телевизиите ќе имаат слух за ова и дека во иднина ќе отстапат простор за таков тип на емисии.
Доколку не се промени состојбата со музичарите во Македонија, дали би останале во земјава или музичката среќа би ја барале во странство?
– Секогаш кога еден музички уметник твори и презентира секако дека сака тоа да го прави во својата земја и сите ние си ја сакаме својата земја, но со оглед на тоа дека навистина години наназад кај нас не функционираат многу нешта па и во музичкиот сегмент, нормално дека би се обидела и надвор од нашата земја. Но сепак ќе оставам на времето да покаже што ќе се случи во иднина. Посакувам само и понатаму да презентирам до јавноста нови песни, можам само да кажам дека моментално со Ѓорѓи веќе работиме и на втората песна и се надевам дека некаде на почетокот на идната година веќе ќе можеме да имаме и нов видео запис за истата.
Фото – Снимање на видео запис за песната „Писмо“
Јорданчо Цветаноски