Двојазични амблеми ќе има само за службите на локално ниво, таму, каде што официјален јазик е и албанскиот, тврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за Уредбата што неодамна ја донесе владата.
Амблемите, нагласи, нема да бидат двојазични за централните служби и единиците кои се на ниво на држава, односно за единицата „Тигар“ и за „Единицата за брзо распоредување“
-Таму каде што на локално ниво се работи, значи за амблемите на униформа на локално ниво во градови каде што официјалниот јазик е албанскиот јазик. Значи, на централните служби кои се однесуваат за цела држава нема никаква промена да има во делот на униформите, сходно на тоа и на единицата „Тигар“ и на „Единицата за брза распределба“, рече Спасовски во одговор на новинарско прашање.
Тој додаде дека се остава период од една година за имплементација заради тоа што има постапка за трошењето на буџетските пари.
-Не може да се влезе во продавница и да купите нешто веднаш, туку треба да се спроведат постапки – тендери, јавни набавки, да се набави тоа што треба да се набави во делот на амблемите и затоа се остава таков период во којшто ќе може да имаме подготовка и активирање, рече министерот Спасовски.
Тој рече дека донесената Уредба произлегува од Законот за употреба на јазиците.
-Ние моравме тие чекори да ги запазиме и затоа се промени легислативата во овој дел. Имавме година дена период на усогласување за да се спроведат постапките. Значи, тоа е нормална работа која што се спроведува, не е ништо ново посебно во овој дел што би предизвикало какви било други проблеми, нагласи министерот за внатрешни работи.