Ти замина, ама спаси најмалку четири животи: Битолчанецот Пеце е донорот кому јавноста му оддава почит!

by Fokus

Завчера беше направена мултиорганска трансплантација на органи во којашто еден пациент доби срце, еден пациент доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива, информираа од Министерството за здравство.

Министерот Демири упати благодарност до семејството на донорот, чиј идентитет веќе се споделува на социјалните мрежи и кому му се оддава почит.

Како што објави битолскиот портал „Бабам Битола“, станува збор за Пеце Аврамовски, млад битолчанец, чие семејство со одлуката за донирање на неговите органи спасило повеќе животи.

И сестрата на Пеце, Елизабета Трајчевска, на социјалните мрежи се прости со него на емотивен начин, порачувајќи дека тој е херој.

– Ти замина, ама спаси други животи брате мој. Почивај во мир, објави таа.

Како што информираа претходно од Министерството за здравство, по добиената согласност во вторникот, завчера во раните утрински часови започнале трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива.

Демири упати јавна благодарност до семејството на донорот, кое повторно потсети на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот.

– Нивната одлука денес значи нов живот за некого, од вчера спасуваме најмалку 4 животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас не прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје, истакна Демири.

Од 2020 година досега трансплантирани се 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива, вкупно 77 органи што живот значат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости