Ти си ,,малиот бураз” на твојот брат, ти си моето чедо, ако го читаш ова, јави се Илија – апелира мајката на исчезнатиот демиркапиец

by fokus

Во постојан контакт сум со полициските инспектори, се работи на лоцирање на мобилниот телефон на мојот син. Поминаа пет ноќи откако е исчезнат, времето споро оди, во постојано исчекување сум – за ,,Фокус” раскажува Снежана Лазаревиќ, мајка на Илија (30) од Демир Капија, од кого нема траг од петокот, кога излегол од дома за да се прошета.

Мајката вели дека целиот регион е пребаран, Илија имал многу пријатели кои трагале во Демир Капија и околните села, во Неготино, Кавадарци, Прилеп…

Работел во повеќе фирми изминатите години, по струка бил математичар, но се занимавал и со градежништво и имал колеги низ целата земја.

-Телефонот постојано ми ѕвони, се јавуваат негови пријатели, кои се вклучија во потрагата. Нема камче кое не го поместија во околината, ги пребараа и околните манастири, Тиквешкото Езеро… Низ Кавадарци има летоци со неговиот лик, секоја иницијатива која би можела да помогне во пронаоѓањето на Илија е добредојдена – појаснува мајката.

Бидејќи личната карта на Илија била со истечен рок, тој со себе го носел пасошот, но според информации од полицијата, не поминал ниту на еден граничен премин во земјава.

-Тука е, во Македонија, тоа ми го потврдија инспекторите. Ова е многу тежок период, во потрага сме по одговори. Илија уште од мали нозе беше финансиски независен, сам си наоѓаше работа, го имаше првиот компјутер во градот… Се усоврши во градежништвото, во многу фирми работеше, стекна многу пријатели. За сите ова е голем шок.
Кога излезе од дома во петокот на ручек, не се сомневав на ништо. Дури кога започна полицискиот час, а тој не беше вратен, започнав да му ѕвонам. Немаше одговор. Мобилниот му беше достапен до саботата навечер, потоа се исклучи. Сите сме вознемирени, неговиот брат живее со семејството во Србија, и таму ја споделуваат неговата фотографија, бараме помош од било кого, ако некој знае било што, да ни јави – вели вознемирената мајка.

Доколку Илија го прочита ова, вели дека би сакала да му каже да не се двоуми, туку веднаш да и се јави нејзе или пак на неговиот брат.

-Што и да се случува, каков проблем и да имаш, јави се! Ќе го надминеме заедно. Само да знаеме дека си добро, ништо друго не е важно. Јави му се на брат ти, јави ми се мене, да ти го слушнеме гласот, да најдеме мир, бидејќи живееме во агонија. Ние сме твоето семејство, секогаш стоиме покрај тебе. Ти си ,,малиот бураз” на твојот брат, ти си моето дете за кое ќе направам се, јави ни се Илија – порача Снежана.

Вики Клинчарова

Поврзани новости