До „Транспарентност интернешнл – Македонија“ во последниве две години пристигнале вкупно 1.032 пријави за корупција во државата.
Организацијата денеска ги презентираше резултатите од двегодишниот проект насловен како „Осмели се – пријави корупција“. Ова се секторите во кои граѓаните најмногу се жалеле на корупција:
Судство – 24 проценти
Образование – 12 проценти
Полиција – 11 проценти
Работни односи – 10 проценти
Зад нив се градежништвото, задравството и приватниот сектор. Проектот беше финансиран од Кралството Холандија.
„Справувањето со проблемите со корупцијата бара многу повеќе од донесување на закони и воспоставување државни институции. Потребно е да се промени менталитетот, а исто така да се вклучат и граѓаните, бидејќи тие, на крајот од денот, ја плаќаат сметката“, рече Петер Верхејен, в.д амбасадор на Кралството Холандија во Македонија.
Во периодот од јули 2012 година до истиот период годинава, во трите канцеларии на „Транспаренси“ во Скопје, Тетово и Штип, се примени вкупно 1.032 поднесоци од 678 подносители. По нив се поднесени вкупно 465 писмени обраќања со барања за слободен пристап на информации од јавен карактер, претставки, ургенции и информации на локално и национално ниво. Добиени се вкупно 307 одговори на барањата, поради што се поднесени вкупно 95 жалби до Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Најголем број од пријавите – 30 отсто се доставени во Скопје, но по отварањето на регионалните канцеларии, постојано расте и пријавувањето корупција во Тетово и во Штип.
„Мора да се обезбеди ефикасна заштита на пријавувачите. Тие се чувствуваат незаштитени, но имаме голема бројка од такви кои проговорија јавно“, вели Слаѓана Тасева претседателката на „ТИ-Македонија“.
Најревносни во пријавувањето се граѓаните од скопскиот регион (28 отсто), а потоа следуваат од полошкиот и источниот регион (15 отсто), додека во другите региони е многу послабо. Така, 9 отсто од пријавите доаѓаат од пелагонискиот регион, еден помалку од југозападниот, југоисточниот – 7 отсто, североисточен – 6 отсто, вардарски – 5 отсто, а 7 отсто не се изјасниле од кој регион.
Најголемиот број од пријавувачите се жртви – 48 отсто, а се зголемува и бројот на подносители кои се „whistleblowers“ (31 отсто), за кои сe уште не постои соодветен израз во македонскиот јазик. Во најголем број, клиентите пријавувачи се од урбана средина (61 отсто), додека само 9 отсто се од рурална. Мажите се посмели кога станува збор за пријавувањето, кои претставуваат 61 процент од вкупниот број.
Организацијата поднесе и три кривични пријави до основното јавно обвинителство поврзани со претседателските и предвремените парламентарни избори.
Во проектот на „Транспаренси Интернешнл Македонија“ поддржан од холандската амбасада „Осмели се – пријави корупција“ се примаа пријави од граѓани на случаи кои претставуваат ризик на корупција, се правеше мониторинг на имплементацијата на релевантната анти-коруциска правна рамка и јавното застапување.