Ти, чичо, порачај сок од боровинка во голема чаша, а ако сакаш и две вотки ќе ги ставам внатре. Да не дојде инспекција, да не ме казнат, да видат дека демек сокче пиете– ова е само една од многуте ,,финти” на алчните угостители, кои во обид да дојдат до поголем профит точат алкохол на деца во кафулиња, а за која сведочат родители на малолетници.
Голем број на родители на деца на возраст од околу 14, 15 години, во разговор за ,,Фокус” откриваат дека точењето алкохол на деца е редовна пракса, и едноставно некои кафулиња кои се збиралишта на младите, така функционираат со години.
Се загрозува животот на најмладите, се случуваат низа на инциденти поради консумирање на алкохол од страна на малолетници кои се лица во раст и развој и за кои се доволни само неколку алкохолни пијачки, па да изгубат контрола над своите постапки, а цената на жестоките пијалоци, кои се продаваат во кафулиња за 60 или 70 денари, на пример за чаша вотка или текила, се дополнителна грижа за родителите.
Раскажуваат дека во одредени локали до последна пара им се точи алкохол на деца, без да се мисли на последиците. И во маркети и локални продавнички без проблем им се продава алкохол, за што родители сведочат дека посебно пред празникот Први Мај и пред Нова година, честа слика се деца кои изнесуваат цели пакети на пиво или вино од продавници.
По ова прашање од Државен пазарен инспекторат истакнуваат дека мора да запре точењето алкохол на малолетници и засилените контроли на терен продолжуваат.
Како што информира првиот човек на ДПИ, Горан Трајковски, за време на викендот што измина пазарниот инспекторат во координација со МВР спровел акциски контроли во угостителски локали каде што се организираат забави за малолетници (junior забави), при што било констатирано дека се точи и продава алкохол на малолетни лица.
-Напоменувам дека точење алкохол на малолетници е кривично дело, а казните за оние угостители што ќе бидат фатени како точат алкохол на малолетници се ригорозни и се движат до 4.000 евра. Освен парични казни, се изрекуваат и казни за забрана за работа во период од еден месец, а за повторување на делото може да следува и целосна забрана за работа.
Апелирам ваквата појава веднаш да престане! Апелот го упатувам и до угостителите, но и до родителите. Родители, разговарајте со децата за штетноста од конзумирањето на алкохол, бидејќи се работи за нивно добро и здравје.
Заедно со колегите од инспекторатот, но и со другите надлежни институции, и понатаму ќе спроведуваме интензивни заеднички акции со цел спречување на ваквите случувања.
Секој кој ќе го прекрши законот, нема да биде поштеден од изрекување на соодветна санкција- нагласува Трајковски.
Тој е на чело на функцијата директор на Државен пазарен инспекторат од декември, минатата година. Дипломиран економист е и магистер по економски науки, а за неговиот сериозен пристап кон работата сведочат голем број на акции кои се случија изминативе месеци, со цел да се стави крај на незаконското работење на поединци, без исклучоци.
Периодов се случија повеќе засилени контроли на терен, кои наидоа на поздрав од страна на совесните граѓани.
Вики Клинчарова