Ти благодарам Милане за овој момент – Калиопи среде настап слезе од бината и му се фрли во прегратки на Калиниќ

by fokus

На почетокот на месецот поп ѕвездата Калиопи ја започна својата турнеја низ соседна Србија. Таа имаше концерти во Крушевац, Јагодина, Крагуевац, Белград и Ваљево, а до крајот на ноември ја очекуваат концертите во Краљево, Лазаревац, Панчево и Ниш.

Големиот солистички концерт на пејачката во Комбанк Арена во Белград се одржа за време на викендот. Пред многубројната публика таа настапи со своите хитови, а на присутните им приреди изненадување, кога се симна од бината и му се фрли во прегратки на актерот и ТВ водител Милан Калиниќ, кој беше дел од присутните. Потоа двајцата започнаа да танцуваат.

Калиопи сподели видео од сцената со Калиниќ и и се заблагодари на публиката за љубовта, но и на Милан, за спонтаните моменти во Белград.

-Каква радост е да имаш вакви луѓе околу себе! Спонтаност, љубов и исполнување на желбите! Ти благодарам драг пријателе на овој спонтан момент во Белград – порача музичката ѕвезда.

На својата официјална страница таа откри дека е презадоволна од тоа како се одвива турнејата.

-Се уште сум под впечатоци. Белграде, дали си свесен што ми направи? А вие, Крушевац, Јагодина, Крагуевац, Ваљево? Свесни ли сте што ни дадовте? – напиша Калиопи.

 

Таа и минатата година одржа голем солистички концерт во Белград, во ,,Сава центар”, но и турнеја низ поголемите градови во Србија и регионот.

Најава за нејзин солистички концерт во земјава, барем во блиска иднина – нема.

Последниот концерт во Скопје, на кој ја наполни Метрополис Арена се случи на денот на вљубените, 14 – ти февруари 2009 година.

Во изминатите години беше застапена на разни општински манифестации, како отварање на Карпошево културно лето пред четири години, пред две години настапи на ,,Златни денови 2017’’ во Кратово, пееше на партиски митинзи, на новогодишни прослави на плоштади, а голем концерт на отворено имаше пред девет години на плоштадот ,,Македонија’’ кога го промовираше албумот ,,Порака’’.

Во декември 2013 година најави концерт во Скопје, кој беше одложен поради здравствени проблеми, односно пејачката подлегна на ласерска операција за разбивање на бубрежен камен во Швајцарија, па солистичкиот концерт до денес не се случи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости