Во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје, во петокот беше промовирана книгата „The Skopje Project“ од архитектот и професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, Огнен Марина.
Публикацијата, во издание на „Арс Ламина“, беше претставена во рамки на меѓународната конференција „Shaping Skopje’s Future: Culture, Urban Policies and Sustainable European Cities“, која деновиве се одржува во Скопје во организација на Град Скопје, Центарот за напредни и постдокторски истражувања при УКИМ и УНДП.
Книгата ја обработува реконструкцијата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, при што градот се позиционира како пример за меѓународна солидарност и урбанистичка трансформација. Делото се надоврзува на истоимената конференција одржана во 2023 година, кога беа одбележани 60 години од земјотресот.
„The Skopje Project“ ги анализира урбаните визии и нивните ограничувања, како и улогата на значајни архитекти и планери во обновата на градот, меѓу кои Ернест Вајсман, Константинос Доксијадис, Јап Бакема и Кензо Танге.
Авторот Огнен Марина посочи дека книгата претставува обид Скопје повторно да се согледа како глобална архитектонска и урбанистичка приказна, нагласувајќи дека обновата по земјотресот била повеќе од технички процес, проект на меѓународна соработка, знаење и солидарност.
Промоцијата се одржа во контекст на пошироките активности поврзани со развојните политики на градот и подготовките за кандидатурата на Скопје за Европска престолнина на културата 2028 година, со што се отвораат дискусии за идниот урбан и културен развој на градот.
ПР текст