Во време кога етерот изобилува со турбо фолк музика, а локалите се преплавени со реклами за гостувања на бројни регионални изведувачи на комерцијална музика без уметнички и културолошки квалитет, бендот „The dreamers“ кој доаѓа од Прилеп, е вистинско освежување на сцената.
Станува збор за група која започнала да функционира од пред околу пет години, со мали промени во составот, а денес брои четири члена – вокалистката Марина Стеваноска и музичарите Милан Секулоски, Благојче Ацески и Кире Најдоски.
Иако зад себе имаат само неколку авторски песни, нивниот репертоар е обилен, а забавите во локалите каде гостуваат траат со часови. Изведуваат алтернативен рок, и не може, а да не се забележи енергијата со која настапуваат.
Весели на сцената, во постојан контакт со пубиката, тие се од оние музичари, за кои од прв поглед се гледа дека со голема страст и пасија ја работат својата работа. Настапуваат еуфорично, а името на бендот веќе станува препознатливо низ градовите во земјава, каде се почести се поканите за нивни гостувања во локали.
-Ако не настапуваме од срце, туку само така, колку да отсвириме и да земеме хонорар, воопшто и нема што да настапуваме! Секоја свирка е посебно доживувавње, не радува кога гледаме како публиката не прифаќа и реагира на нашите настапи.
Секој од нас, членовите на бендот, има своја приказна. Јас сум цел живот со уметноста, од актерство до музика, вокалистката Марина е позната и по нејзиното танцување со оган, за Благојче и Кире доволно зборува нивната енергија на сцената.
На свој начин, со внимателно избран репертоар се бориме против ова кое денес се случува, против овој наплив на неквалитетна музика, шунд запакуван под името турбо фолк – за „Фокус“ вели гитаристот Милан Секулоски.
Викендов бендот настапуваше во култниот „Middle pub“ во Неготино. Локалот беше преполн со расположена публика од сите генерации, што е показател дека сепак, музичкиот шунд не е вкоренет во балканскиот менталитет, а светскиот звук во домашна сцена, сепак си го наоѓа патот до слушателите.
Покрај алтернатива, се изведоа и инди рок песни, но и хитови од Маја Оџаклиевска, Дино Дворник…
Неколкуте часови предвидени за настап не беа доволни за публиката, која ги бараше „The dreamers“ на бис.
Од бендот велат дека наредниот период ги очекуваат повеќе гостувања низ земјава, а според реакциите на публиката, за „The dreamers“ допрва ќе се слушне и подалеку.
Вики Клинчарова