Тежок ден во Кавадарци: Браќата растеа без мајка, починаа во рок од три дена од последици на Ковид-19!

by fokus

Почина 21-годишното момче од Кавадарци, позитивно на корона вирус, чиј постар брат, на возраст од 26 години исто така почина од последици од Ковид-19 пред три дена.

Веста за смртта на браќата Ѓерѓеви го потресе Кавадарци.
Момчињата растеле заедно со нивниот постар брат и таткото, а мајка им починала млада, на околу 40 годишна возраст. Биле чесни луѓе и ценети граѓани.

Според информации од болницата од Кавадарци, момчињата имале апластична анемија, односно тешко крвно нарушување и спаѓале во високо ризичните групи.

Постариот брат, Марјан, бил донесен во тешка состојба во кавадаречката болница на 25-ти октомври, по што бил стабилизиран и по само еден час бил препратен на клиника во Скопје. Помладиот брат, Горан, бил хоспитализиран на ковид одделот наредниот ден, бил во стабилна состојба, по што по околу 24 часа нагло му се влошила состојбата.
И тој бил итно транспортиран на клиника во Скопје.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев ја сподели тажната вест на својата страница, изразувајќи сочувство до таткото и братот на момчињата, како и до сите нивни роднини и пријатели.

-Пандемијата однесе два човечки животи на двајца браќа во период од 3 дена, немоќни сме да се бориме и да дадеме утеха. Уште еднаш изразуваме длабоко сочувство и стоиме на располагање за помош на семејството кое е погодено од огромна трагедија.
Да се чуваме сите и што поскоро да ги поминеме овие тешки денови-порача градоначалникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости