Синоќа во Неготино заврши традиционалниот Неготински панаѓур, манифестација стара стотина години, кога во градот доаѓаат трговци од цела земја и ги продаваат своите производи на тезги во централното подрачје.
Настанот започнува на 20-ти септември, со одржување на Манастирска вечер, и продолжува во наредните три дена со жива музика во локалите, штандови на кои се продаваат пијалаци и храна, како и тезгите со разновидни производи, од текстил и обувки, па се до казани за варење на ракија.
Годинава имаше стотина трговци кои ја продаваа својата роба и илјадници посетители од други општини. Пред полноќ, кога тезгаџиите кои поминаа три дена и три ноќи на градскиот плоштад, се собраа и си заминаа, зад нив оставија вистинска депонија.
Целиот плоштад и околните улици беа преполни со ѓубре, празни ќеси, остатоци од храна, пластични шишиња…
Центарот на градот изгледаше како да се случила апокалипса, а вработените во ЈП Комуналец Неготино макотрпна ноќ.
-Истата слика ја оставаат секоја година, но во рок од три часа ова кое сега го гледате на плоштадот, ќе го снема. Сите екипи на Комуналец се подготвени, започнуваме со чистење, а утре наутро кога граѓаните ќе излезат од своите домови, ништо од овие слики нема да има, градот ќе биде повторно чист, ни раскажа вработен во комуналното претпријатие синоќа.
Додава дека тешко се искоренуваат лошите навики на народот, и иако на тезгаџиите им биле поставени дополнителни пластични контејнери, па дури им биле понудени и големи вреќи за да го собираат отпадот во нив, тие продолжиле како и секоја година, да го фрлаат ѓубрето под импровизираните тезги.
-Им даваме големи вреќи за да си го соберат отпадот, тие внатре си ја пакуваат робата. Нема разбирање… Многу се, не можеш да одиш од тезга до тезга и да им појаснуваш на сите и да ги опоменуваш постојано, раскажа работникот од ЈП Комуналец, кој синоќа со свои колеги работеше до раните утрински часови.
Панаѓурот во Неготино е единствениот традиционален настан кој на некој начин го заживува градот и носи бројни гости. Но, во последните години зачестени се поплаките на граѓаните дека мора да се модернизира, и да се изнајде решение граѓаните да функционираат непречено овие три дена во годината.
Редовни се и поплаките на локалните трговци кои се жалат на конкуренцијата од трговците кои доаѓаат од други градови, па потоа со месеци имале значително намален промет. За да им се излезе во пресрет, годинава од општината на сите локални продавачи им овозможија да изнајмат простор од два квадрати без да платат надомест, додека за трговците од страна надоместот за простор и електрична енергија изнесува 2.700 денари за метар квадратен.
-Постојано слушаме од локалната власт дека на панаѓурот доаѓаат трговци кои ќе постават урбана опрема, но од урбана опрема видовме само картонски кутии и церади врз кои е изложена робата. Мобилните тоалети кои беа поставени на главната улица уште претпладне на првиот панаѓурски ден започнаа да протекуваат, не се минуваше по тротоарот, невиден извор на зарази!
Блокирани автомобили на локалното население, вршење на нужда во дворови и влезови на згради, нехигиена на највисоко ниво! Тоа мора да се промени, да се изнајде решение за дислоцирање на тезгите, па дури и обезбедување од страна на општината на унифицирани штандови, како и правилници за тезгаџиите. Грди се сликите во тек на ноќ, кога тезгаџиите спијат на плоштад, полегнати врз робата која наредното утро ја продаваат, реагираат голем дел од граѓаните.
Речиси сите се согласни дека панаѓурот е традиција која треба да продолжи, но неопходни се промени во целиот концепт на организацијата.
-Без панаѓурот, Неготино е мртов град! Ништо не се случува, фалат забавни и културни настани, граѓаните од други општини го одминуваат градот и ова е можност да се привлечат посетители.
Младината, но и цели семејства со повозрасни луѓе во изминатите години се отселија, многу од нив се враќаат во градот само за време на панаѓурот. Да не замре оваа вековна традиција, но и да го следи чекорот на времето, да се осовремени и да покажеме дека имаме капацитет да ја одржиме и да ја направиме манифестација која ќе биде организирана на ниво, порачаа бројни граѓани.
Вики Клинчарова