Тевдовски: Работиме на внесување на европските стандарди во нашиот систем на финансии

by fokus

Министерството за финансии напорно работи на реформи во системот на јавните финансии, кои во нашиот систем ги внесуваат европските стандарди, рече министерот за финансии Драган Тевдовски, во експозето на Предлог завршната сметка за Буџетот за 2017 година во рамки на 53. седница на Собранието на Република Македонија.

Тевдовски појасни дека Програмата за реформи за 2018-2021 година, изработена со ЕУ, содржи акциски план за реформи на сите важни елементи на системот на јавните финансии, почнувајќи од воведување среднорочно буџетирање, нов систем за јавни набавки, фискален совет, нов закон за јавен долг, фискална транспарентност и подобрувања во УЈП и Царина. До крајот на годината Министерството за финансии планира да ја воведе и платформата Отворени финансии со која граѓаните ќе имаат увид во исплатите од Трезорот.

Министерот за финасии потсети дека новата Влада започна со работа од средината на минатата година година со затекнат Буџет структуиран од претходната Влада, негативен економски раст од 0,7 отсто во првиот квартал годинава, наследен брзорастечки јавен долг, заедно со сериозни обврски за плаќање во следните години.

– Во второто полугодие од 2017 година економскиот раст премина во позитивна зона, со стапка на раст од 0,7 проценти, потрошувачката се зголеми за два процента, извозот на стоки и услуги продолжи да расте со посилна динамика во однос на претходната година и забележа раст од 9,2 процента на реална основа, а подобрена е и структурата на извозот, со раст на учество на производи со повисока додадена вредност, рече Тевдовски, дополнувајќи дека стапката на инфлација од 1,4 проценти во минатата година била резултат на повисоките цени на горивата, согласно движењата на светските пазари, зголемените цени кај тутунот и комуникациите.

Бројот на вработени лани се зголемил за 2,4 проценти во однос на 2016 година,просечната стапка на вработеност достигнала 44,1 процент, а стапката на невработеност се намалила на 22,4 проценти, Движењата во тековната сметка на билансот на плаќања во 2017 година резултирале со низок дефицит од 1,3 проценти од БДП, кој, укажа министерот, е преполовен споредено со 2016 година, и е помал од проектираниот.

Реализацијата на приходите, како што рече Тевдовски, била во рамки на проекциите, а расходите се извршувале редовно и навремено. Имајќи ги предвид остварените макроекономски и фискални таргети, Република Македонија одржа стабилна фискална позиција.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија во 2017 година биле повисоки за 10,37 милијарди денари, или за 6,1 процент во однос на 2016 година, а вкупните расходи во износ од 196,561 милијарди денари.

Поврзани новости