Тевдовски: Прагот од 15.000 денари се однесува на висината на каматата, а не на висината на штедниот влог

by fokus

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, појаснува дека нацрт предлогот на новиот Закон за данок на личен доход, предвидува оданочување на каматите на заштедите, а не на висините на штедниот влог.

„Прагот од 15.000 денари се однесува на висината на каматата, а не на висината на штедниот влог. Тоа значи дека ако некој има штеден влог од 20.000 евра, со каматна стапка од 1%, тој ќе има камата од 200 евра и нема да треба да плати данок.
Дополнително, оданочувањето на каматите на штедните влогови е со одложена примена од 2020 година“, напиша Тевдовски на својот фејсбук профил.

Како што претходно соопштија од Министерството за финансии данок на доход со стапка од 15 отсто граѓаните ќе плаќаат на дивидендите, на каматите од депозитите, на каматите од заеми на физички и правни лица, на каматите од хартии од вредност и друг доход од хартии од вредност.

Според објаснувањето на Министерството за финансии, данокот на камата од заштеди ќе почне да се наплаќа од 2020 година, а останатите даноци ќе се наплаќаат веќе од 1 јануари 2019 година.

Од Министерството нагласуваат дека доходот од камати на орочените депозити се плаќа во сите земји на ЕУ, со исклучок на Естонија. Од регионот, единствено Република Српска не ги оданочува каматите.

Поврзани новости