Тетово и денеска протестираше против одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за поскапување на струјата за 7.4 отсто. На вечерашниот протест, кој се одржа на плоштадот на градот, организаторите ги повторија барањата, истакнувајќи дека нема да отстапат и да ги запрат протестите до нивното исполнување.
-Да се повлече одлуката за поскапување на цената, да се намали актуелната цена за 40 отсто, да се национализира дистрибуцијата на електричната енергија, да се одземе монополот на ЕВН и да се укине регулаторната комисисја за енергетика – гласат барањата кои во името на организаторите на протестор ги прочита Арианит Џафери.
Поголем протест се одржа и во Гостивар, каде маршот го организираше навивачката група „Кастриоти“. Со транспаренти за намалување на струјата, пораки до надлежните напишани на албански јазик и скандирање, повеќе стотина граѓани поминаа од Центарот за култура до дирекцијата на ХЕЦ Маврово и завршија пред седиштето на КЕЦ на ЕВН Македонија.
Протестот, кој траеше нешто повеќе од половина час, помина без инциденти и под надзор на полициски службеници. На крајот од протестот, кон зградата на ЕВН беа фрлени јајца и ролни со тоалетна хартија.
Освен во Тетово и Гостивар, протести беа најавени и во Скопје и Кичево, но истите беа одложени и организаторите најавија дека ќе го одложат за следната недела.