Јавниот автобуски превоз во Тетово е времено стопиран по нецели четири месеци функционирање, соопшти Општината. Повеќе причини има за стопирање на превозот, велат градските власти.
Според градските власти, јавниот превоз ќе продолжи по завршување на согледување на состојбите околу вработените и финансиите на јавното претпријатие. Јавниот градски автобуски превоз во Тетово почна да се одвива на 16 август годинава во време на претходната градоначалничка, Теута Арифи, а за потребите на претпријатието беа набавени пет автобуси.
-Поради хаосот, работење без придонеси на вработените и поради тоа што фирмата работи нерегистрирана, додека вработените во фирмата ЈП „Тетовo транспорт“ се наведени како вработени во општината, како и поради многубројни неправилности привремено ќе биде во прекин јавниот превоз. Ова одлука доаѓа за да не се оштети уште повеќе џебот на граѓанинот и за неконтролираните трошоци во ова претпријатие“, се вели во соопштението на Општина Тетово.
Поранешнтата градоначалничка Теута Арифи автобусите ги промовираше на 17 јануари годинава, но и покрај најавите дека превозот ќе стартува брзо, тоа се случи дури во август.