Вкупно 24.018.222 евра – толку изнесува општинскиот долг што деновиве го обелодени новиот тетовски градоначалник Биљал Касами, кој ја обвини неговата претходничка Теута Арифи за недомаќинско работење.
Како што брифираат од Општина Тетово за Фокус, овој долг, иако делува висок, е нереален, од причина што, објаснуваат од таму, секој изминат ден се трупаат нови долгови како резултат на неплатени фактури, така што веќе сметката на општината е блокирана.
Инаку, неофицијално дознаваме дека во тек е внатрешна ревизија во општината, чија нова управа размислува да направи и нова надворешна ревизија, со цел да се утврди како се располагало со парите во изминатите години.
Фокус се обиде да стапи во контакт со Арифи, за да ја праша како општината направила толку голем долг, но таа не одговори на нашето прашање.
Како што соопшти Касами, општина Тетово должи 14 милиони евра, Јавното комунално претпријатие 9,7 милиони евра, ЈП Градски паркинг 187.000 евра, така што вкупниот долг е 24 милиони евра.
Во меѓувреме, од општината велат дека веќе почнале преговори за да се исплатат долговите.
Долгови се трупале, иако на општината од државниот буџет во октомври 2018 година и бил покриен долг од околу 15 милиони евра.
-Во октомври 2018 година, со Законот за финансиска поддршка на општините за отплата на заостанатите долгови, на Општина Тетово и се покриени 918 811 611 денари долг.
Со овој Закон се покриени 51% од евидентираните, пријавени долгови во сите општини, вклучително и во Општина Тетово.
За спроведување на Законот беа обезбедени вкупно 3 032 383 086 денари колку што изнесуваше 51% од вкупните евидентирани долгови на општините заклучно со септември 2018 година, велат од Владата за Фокус.
Општина Тетово во декември 2019 официјално имала долг од 7,2 милиони евра, на крајот од 2020 достигнал 9,8 милиони евра, за сега да стигне до 24 милиони евра.
Според кварталниот извештај за пријавени обврски на субјекти на Министерството за финансии, за септември, односно за третиот квартал на годината, само општината имала пријавен долг од 736.573.663 денари или речиси 12 милиони евра, додека остатокот отпаѓа на општинските јавни претпријатија.
Сепак, официјалниот долг дотогаш е помал од оној што сега го објави Касами.
Ф.Ф.С.