Општина Тетово, каде бројката на заразени е алармантнa, испрати барање до Министерството за образование и наука (МОН) почетокот на учебната година да започне со онлајн настава наместо со физичко присуство на учениците. Ова беше одлучено на Кризниот штаб на општината од каде беа испратени и други барања до институциите.
-Со оглед на отежнатата епидемиолошка состојба во Тетово и Полог, бараме од Министерството за образование, Кризниот штаб при Владата и Комисијата за заразни болест на три недели да го одложат почетокот на учебната година со физичко присуство за сите три нивоа на образование: основно, средно и високо. Апелираме и до другите општини во Полошкиот Регион да го поддржат ова барање. Ова го бараме затоа што претставниците од Клиничката болница нѐ известија дека освен што има лица заразени со ковид-19 над 18-годишна возраст веќе има и точки во Општината каде има заболено и деца. Ние се движиме кон пикот и затоа треба сѐ да направиме овие три недели децата да останат надвор од овие движења и да спречиме можни инфекции и кај нив. Исто така бараме целиот образовен персонал во основните и средните училишта во Општина Тетово да завршат со процесот на вакцинација до почетокот на учебната година. По овој рок ќе се бара секој невакциниран просветен работник на секои 72 часови да приложува доказ дека не е заразен, односно негативен тест кој ќе го прави на свој трошок. Ние, како локални авторитети ова и ќе го спроведеме, изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи која е и раководителка на Кризниот штаб на Општината.
Таа најави отворање на нови пунктови за вакцинација, вакцинален пункт кој се наоѓа во зградата на Музејот на тетовскиот крај, порано Дом на АРМ. Овој пункт ќе работи во три смени од 8 часот наутро па сѐ до полноќ. Пункт за вакцинација ќе има и во амбулантата во село Порој. Како трет пункт, кој ќе биде отворен од наредната недела, ќе се наоѓа во Домот на културата и тој ќе биде наменет само за ревакцинацијата.
Според податоците од Кризниот штаб на Општина Тетово, во овој момент во Клиничката болница во Тетово хоспитализитани се 121 пациенти и се на кислородна поддршка, додека во последните 24 часа починати се 5 лица.
Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска на настан во Прилеп кажа дека сите училишта се подготвени за старт на учебната година на 1 септември.