Тетовчанка мамела луѓе ветувајќи им дека преку министерот Оливер Спасовски ќе ги вработи во државна администрација

by fokus

Против 47-годишна тетовчанка со иницијали А.А. е поднесена кривична пријава за сторено дело измама. Според полицијата А.А. мамела луѓе ветувајќи им дека за пари ќе ги вработи во државна администрација преку министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Преку овие измами се стекна со имотна корист од вкупно 1980 евра, 100 американски долари и 37.000 денари.

Во полиција била пријавена од нејзина жртва. Во понеделникот К.Б. од Тетово пријавила дека со А.А. се запознала на крајот на декември. Измамничката и кажала дека за одредена парична надокнада може да ги вработи нејзините два сина во државната администрација. А.А. ја убедувала К.Б. дека има контакти со влијателни владини функционери, конкретно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. По неколку дена К.Б. ги обезбедила потребните документи за наводното вработување, но бидејќи едниот син имал само средно образование, А.А. се понудила за надокнада од 500 евра да му обезбеди диплома за завршено високо образование.  Со оглед на тоа дека и сопругот на К.Б. бил невработен и се обидувал да обезбеди американска работна виза, но патната исправа му била пред истекување, А.А. се понудила дека ќе „помогне“ и за тоа за надокнада од 100 американски долари. Според договорот,К.Б. и исплатила на А.А. 1320 евра и 100 американски долари.

Откако ги исплатила парите, К.Б. повеќе пати контактирала со А.А. за да ја праша зошто не се реализираат ветувањата и да побара да и ги врати парите доколку не може да ја заврши работата, а потоа ја пријавила измамата во СВР Тетово.

Веднаш по пријавата, била обезбедена А.А. и во извршениот раговор таа го потврдила пријавениот настан, а кажала и дека на ист начин земала пари од уште четири лица од подрачјето на Тетово и Куманово, ветувајќи им дека ќе ги вработи како наставници во основни и средни училишта и други работни места.

 

 

 

 

Поврзани новости