Тетка Салије

by Фокус

Ноќта спроти Бајрам остануваше будна до зори, привршувајќи им ги на децата, на сите нејзини деца, фустанчињата со панделки и свечените оделца. Најголема радост ѝ беше да израдува некого. Затоа најдолго ќе ја паметиме

Пишува: Линдита КАДРИУ

Кога од Тетово се враќавме натоварени со торби и доживувања од распустот, таа најтешко ја доживуваше разделбата.

Немаа свој пород, па нас внуците од своите сестри, и внуците од страна на сопругот нѐ третираше со мајчински сентимент. Живеевме во исто маало и често доаѓаа со тетин на поседок во вечерните часови.

Пред заминување баба ми неретко ќе ми ги спакуваше пижамите, па меѓу нив двајца фатена за рака, рипајќи и потскокнувајќи одев радосна на гости.

Куќата им беше двокатна, тивка, та се чинеше уште поголема; немаа телевизор за да не го пуштат шејтанот да влезе в куќи, само едно радио над масичката потпрена на ѕид, везден свиреше Радио Анкара.

Штом ќе се слушнеше отворањето на портата нешто по 14 часот, кога тетин се враќаше од работа, ќе се пикнев под масата наместена за ручек со платнената прекривка што допираше до земји и чекав да го чујам познатиот дијалог…

Тета ќе му речеше дека сум отишла дома, тој ќе ја укореше, јас молчам и слушам собрана во клопче и кога ќе стивнат, ќе го зграпчам тетин за листот на ногата. Секогаш истиот ритуал.

ТОЈ ОД ГОРЕ ГЛЕДА

И така ќе почневме со ручекот, долго крчкани јадења, арома на топен путер, долмите вкусни како ќебапи.
Беше вистински верник, стопроцентно посветена на светите задолженија. Памтам кога се собираа тетките на спиење и некако во исто време се престројуваа за обредот на намазот, таа најдолго се задржуваше.

И откако другите ќе ги тргнеа сеџадите, ја продолжуваше завршната молитва со бавните ритмички движења напред-назад, со ниско поставените дланки свртени накај себе.

Молитвата во принцип е медитација за тие што успеваат да ги отстранат повеќето странични мисли во моментите на изразување покор и благодарност.

Тетка Салије беше убедена дека Творецот е праведлив и најдобро ги уредува односите, затоа не се трудеше да им возврати на кавгаџиите и на злите души од заседа, кои чувствуваат наслада расипувајќи нечиј ден или моментално расположение.

Тој од горе гледа и расудува, велеше, затоа во својот репертоар немаше ни лоша мисла, а камоли збор или дело. Ниту да повредува, ниту да им се реваншира на Гаргамелите.

Опстојно гаеше благодарност во себе, а таквите се по дефиниција посреќни.

ДА ИЗРАДУВА – НАЈГОЛЕМА РАДОСТ

Долго паметеше каков било гест. Кога ќе ме погледнеше со очите на срна, бистри и богобојазливи, кога ќе редеше благослови, знаев дека нешто убаво ќе се случи. Секогаш се случуваше.

…Тета постојано нешто везеше, плетеше, им го спремаше чеизот на девојките од семејството, ги штиркаше и пеглаше со денови своите ракотворби, па ги редеше во чаршафи што во тоа време се простираа по ѕидови како експонати неколку дена пред мажачката.

Често ја замислувам седната пред машината за шиење, отмено црниот сингер со златести букви. Работеше со бавност на мераклиите, пазејќи на секој детаљ.

На посиромашните муштерии не им наплатуваше, за садака на рацете, велеше. Ноќта спроти Бајрам остануваше будна до зори, привршувајќи им ги на децата, на сите нејзини деца, фустанчињата со панделки и свечените оделца.

Најголема радост ѝ беше да израдува некого. Затоа најдолго ќе ја паметиме.

Поврзани новости