Двајца поранешни директори на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров и Фестим Халили, заработија кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овозможување незаконски исплати на грантови.
Пријавите се поднесени за три спорни проекти што ги има финансирано ФИТР: „Грин Хојо“, „Фротирка АД Делчево“ и „Тајната на Римјаните – Pinsa Romana“, при што финансиската штета надминува 23 милиони денари.
За проектот „Тајната на Римјаните – Pinsa Romana“, многу се пишуваше уште пред околу три години, откако се обелодени дека Фондот за иновации одобрил 2.214.000 денари за “Тајната на Римјаните за пица стара 2000 години“.
Зад проектот, односно зад рецептот за пицата стоеше компанијата „Рамазоти Фуд“ од Гостивар, од каде по бројните реакции јавно се огласија и раскажаа дека се работи за создавање на бренд на здрави тестенини, кои ќе се продавале во Италија, Германија и Чешка.
– Пинса Романа е прв производ кој во новоформирана мала фабрика започнува да се произведува, како закиселена, зреана, комерцијална, био тестенина. Рамазоти Фуд е стартап компанија за која занаетот и дипломите сопствениците ги донесоа директно од Италија, земјата на тестенините и ја започнуваат приказната од Македонија.
За само 1 евро ќе се понуди комерцијално здраво тесто. Ќе добиеме пица за дијабетичари, за спортисти, за луѓе кои се алергични, а сакаат пица, има ли некој кој не сака пица? А има многумина кои заради своите проблеми или концептот на живот не сакаат или не смеат да ја јадат. Замислете да имате избор да си нарачате пица од бело брашно или протеинска пица. За прв пат ова ќе ви биде достапно, раскажаа од компанијата во 2022 година, во интервју за „Плус Инфо“.
Исто така, од компанијата појаснуваа дека се работи за пуфкасто и крцкаво тесто, безглутенско.
-„Рамазоти Фуд“ направи сопствен рецепт на пинса, со крцкав совршен вкус, без глутен, без адитиви, без алергени, едноставно, долго крафт зреано тесто, избор на здрави брашна, кој на секој кој го сака вкусот на пица и од многу причини мора да ја избегнува, сега, за првпат добива алтернатива. Пица која и оние кои имаат проблеми со метаболизмот или имаат алергии, ќе можат да си ја дозволат, тврдеа од компанијата.
Од ревизијата на работата на ФИТР за поднесената кривична пријава за познатиот случај со рецептот за пица – Тајна на Римјаните Pinsa Romana, инфрмираат дека договорот бил потпишан на 28-ми декември 2021 година преку инструментот за поддршка-кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва стартап и спиноф, со права и обврски за двете договорни страни.
Се работи за финансиран проект од Фондот за иновации за рецепт за пица стар 2.000 години.
Проектот ја поминал фазата на претселекција, потоа и на финална селекција и истиот бил одобрен за финансирање.
И тука се работи за наводно поднесени фактури за неподобни трошоци за покривање на грантот. Корисникот извршил поврат на неподобен трошок за ДДВ во износ од 140.400 денари и доставил извод од наменската сметка. Корисникот повеќе потрошените средства од буџетската потставка „Фурна за печење-капацитет 10.000“ во износ од 280.000 денари ги покрива со буџетираните средства од втор квартал.
И тука се доцнело со договорените квартални извештаи и завршниот извештај. Во конечниот извештај ревизорите утврдиле дека корисникот остварената заштеда ја пренел за покривање на потставката „Спирален миксер за хомогенизација на тесто од 80кг“ во износ од 50.000 денари и потставката „Брендирање и дизајн-подготовка“ во износ од 50.000 денари. Корисникот во текот на проектот извршил плаќања од основната сметка надвор од времетраењето на проектот во износ од 295.000 денари за што добил одобрување од страна на Комитетот за одобрување на инвестициите.
Во овој случај не е реализирана и обврската за годишни извештаи во наредните три години по завршување на проектот.
Вики Клинчарова