Тест за човечност во Неготино: Ќе се врати ли изгубениот паричник со пари за лекување кај сопственичката болна од канцер?

by Fokus

Дали остана емпатија помеѓу луѓето, и дали доколку најдете паричник со поголема сума на пари, без грижа на совест истите ќе ги потрошите, или пак ќе ги вратите на сопственикот?

Неготинци се соочени со ова прашање денес, откако на социјална група посветена на градот се објави информација дека денес е изгубен паричник, и се апелира чесниот наоѓач да го врати истиот кај сопственичката.

,,Фокус” разговараше со сопственичката на изгубениот паричник, пензионерката Васка Јанева (67), која открива дека парите и биле наменети за лекови и замолува за разбирање од пронаоѓачот на паричникот.

-Имам канцер и оштетен вид. Утрово, околу 10 часот, тргнав од мојот дом во населбата Саат Кула од маркетот Дијана кон детското игралиште, претпоставувам дека попат го изгубив паричникот. Средствата во него, ги собирав денар по денар, сите ми се наменети за купување на неопходните лекови, бидејќи купувам редовна терапија, се борам со канцер.

Внатре, во црниот паричник со средна големина, имав денари, но и девизи. Не знам од каде и како ќе најдам пари за лекарствата, замолувам кој и да го најде, да ми се јави на мобилниот 070 618 621. Молам да не ми пишуваат пораки, бидејќи не гледам добро, нека ме побараат. Во незавидна ситуација сум.

Внатре, покрај парите, имам и лични документи. Ја носев и личната карта, кој и да го најде паричникот од нашата населба, сигурно дека ме знае, мало место е, се познаваме меѓусебно. Верувам дека човечноста ќе се покаже на дело, апелира Васка.

Исто така, наоѓачот може и да го однесе новчаникот во полициската станица, од каде ќе и биде предаден на жената.

Вики Клинчарова

Поврзани новости