Неколку години наназад, Фокус се обраќа официјално до Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси во врска со разни прашања и теми во нејзина надлежност, но скоро сите прашања, со ретки исклучоци, не предизвикале потреба од антикорупционерите да одговарат, макар и чисто формално.
Во таа насока, побаравме одговори од Комисијата пред неколку дена во врска со еден документ што пристигна во нашата редакција, кој всушност претставува решение за формирање на работна група за изработка на информација за поставувањето на ДКСП по предмети во изборниот процес на последните избори за пратеници.
Како што се наведува во овој документ, изготвен од страна на службите во институцијата, работната група треба да ја сочинуваат тројца члена, со задача да направат посебно проучување и обработка на материјал, со цел да ја изготват бараната информација.
Патем, во него се предвидува тројцата членови да добијат дополнителен еднократен паричен надомест, бидејќи станувало збор за дополнителни обврски за членовите на работната група по секојдневните обврски што произлегуваат од нивните работни места.
Со оглед дека овој документ не беше парафиран и не ја содржеше сумата што тројцата членови на работната група треба да ја добијат за изготвување на бараната информација, го побаравме првиот човек на комисијата, Игор Тантуровски, со цел да ги провериме наводите што ги содржеше документот.
Откако стапивме во телефонски контакт, Тантуровски замоли да го побараме подоцна, со образложение дека е на седница, но подоцна ниту одговараше на телефонските повици, ниту одговори на смс-пораката што му ја испративме.
Но, Комисијата почувствува потреба да реагира до нашата редакција дури по објавувањето на документот, преку официјален допис со потпис токму од претседателот на Комисијата, кој еден ден претходно беше нерасположен и недостапен за коментар.
Во него, антикорупционерите најавуваат дека ќе побараат Агенцијата медиуми и сите релевантни институции кои вршат надзор врз работењето на медиумите да преземат санкции против Фокус, бидејќи сме објавиле неофицијален, непотпишан и неархивиран документ?!
Во овој таканаречен демант, кој повеќе содржи квалификации за медиумот, отколку што реферираат кон напишаното, единствено нешто што вреди да се издвои е делот каде се наведува оти „целосна информација за постапувањето на ДКСК во изборниот процес е објавена во Извештајот за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2016 година“.
Од таму на ниту едно место не одговараат дали, односно кога била формирана работната група, кои биле тројцата члена на група, ниту колкав надомест добиле за тоа, што е важно за јавноста ако се знае дека поранешни членови на оваа комисија тврдат оти своевремено сами изготвувале извештаи за изборите без никаков дополнителен надомест.
Затоа, по овој „демант“, уште еднаш се обративме до Антикорупциската комисија со барање да ја дополнат и надградат реакцијата со одговори на овие прашања што се наметнуваат и произлегуваат од содржината на документот, но, согласно досегашната практика, повторно не добивме никаков одговор.
Сепак, ниту игнорантскиот однос ниту заканите со санкции нема да не поколебаат да продолжиме и во иднина да поставуваме прашања до комисијата и да ја повикуваме на одговорност кога сметаме дека затајува во вршењето на нејзините надлежности.
В.С.