Тешко може да се зборува за соработка со Марјана!

by fokus

Хрватската поп ѕвезда Владо Калембер и своевремено вокал во една од најпопуларните екс Ју групи ,,Сребрена Крила”, ја освои наградата од жири на фестивалот ,,Охридски трубадури 2021” кој се одржа во Охрид, со песната ,,Љубав је тамо где си ти”.

Поради деновите на жалост поради трагедијата во Тетово, фестивалот се одвиваше зад затворени врати, односно без публика, а снимките ќе се емитуваат на МТВ.

Дел од атмосферата која владеела на настанот, на социјалните мрежи сподели водителката Марјана Станојковска, која откри дека за време на Интернационалната вечер, ја имала честа со Калембер да го изведе неговиот познат дует ,,Чао аморе”.

Станува збор за своевремено големиот хит кој тој го отпеа заедно со Изолда Баруџија во далечната 1984 година, премиерно во Универзалната сала во Скопје, а песната беше претставник на Југославија на Евровизија.
Околу тоа како поминала соработката со водителката, дали добро ги усогласиле вокалите и дали евентуално јавноста може да очекува нов дует на Владо и Марјана, популарниот музичар за ,,Фокус” вели дека такво нешто нема на повидок.

-Тешко може да се зборува за соработка со Марјана. Дуетот беше само како еден вид на изненадување за потребите на фестивалот. Беше направено така, што се извади вокалот на Изолда Баруџија од оригиналната снимка од 1984 година, а потоа Марјана го сними својот дел. И тоа е само половина песна – појаснува Калембер.

Вели дека иако повеќе не настапува на музички фестивали, сепак направил исклучок и дошол во Охрид, првенствено поради големото пријателство со композиторот Григор Копров, кој е прв човек на ,,Охридски трубадури”.

-Со Копров сме пријатели долги години, така да доаѓањето во Охрид ми беше како пријателска посета. Инаку, јас веќе не настапувам на фестивали, но драго ми е што ја освоив главната награда. Морам да кажам, сепак за мене најглавна награда ми е самото доаѓање во Охрид – вели музичарот, кој е роден во Македонија, односно во Струмица, во време кога неговиот татко кој бил воено лице, престојувал таму. Од Струмица се преселиле во Загреб, кога Владо имал два месеци.

За животот во Хрватска, во време на пандемија кога целата естрада од регионот, но и од светот се соочи со забрани за настапи во живо, вели дека се живее како и насекаде, според здравствените правила и мерки.

-Во принцип, речиси ништо не се работи! И тоа што се работи е според пандемиски правила, значи на места каде не смее да има голем број на публика. Гостувањето во Охрид баш во овој период многу ме израдува, се надевам дека песната од фестивалот ќе остане да се слуша – ни изјави легендарниот музичар.

Вики Клинчарова

Поврзани новости