Тешките животни предизвици се зад Јордан Митев: Денес ми е добро на душичката!

by Fokus

Популарниот фолк пејач Јордан Митев вечерва настапува во Кратово, на манифестацијата ,,Златни денови” каде премиерно ќе ја изведе својата нова песна ,,Денес ми е добро на душичката”.

Видео записот за истата е снимен во Кратово, и во него покрај Митев се појавува актерот Владо Дојчиновски, инструменталистот Јане Рафаиловски, ансамблот за фолклор ,,Гоце Делчев” и музичарите кои редовно го придружуваат Јордан на настапите во живо.

Изминатиот период за пејачот и инструменталист беше со доста набиена агенда. Има редовни настапи во локали и на манифестации во земјава, а ја најави и големата австралиска турнеја.

Истата ќе започне на 13-ти октомври во Сиднеј, ќе ги опфати поголемите градови во кои се бројни нашите иселеници и ќе заврши со концерт на 18-ти ноември во Перт.

Митев (36) по потекло е од Подареш, Радовиш, и на сцената е присутен околу две децении. Важи за еден од најбараните кога се концертите кај нашите иселеници во прашање.

Пред околу три години за „Фокус” раскажа дека минува низ доста тежок период, соочен со низа на здравствени предизвици. Појаснуваше дека кога влегол во болничките ходници, се прашувал кога и дали воопшто ќе излезе од таму. По месеците минати во лекување, потоа изјави дека извојувал тешка битка од која извлекол поука дека здравјето е најважно и секогаш мора да биде приоритет.

Вечерва на манифестацијата во Кратово, покрај него ќе настапат и Благица Павловска, Ленче и Горан Кукиќ, Душко Георгиевски и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости