Претседателските кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ се соочија денеска во студиото на ТВ21.
Од телевизијата објавија делови од дебатата која започнува во 21.15 часот, а оттаму посочуваат дека јавноста ќе може да проследи жестоко соочување и тешки зборови.
Силјановска Давкова вели дека „во ДУИ има две струи едните ЗА едните ПРОТИВ“.
– Прво бојкот на некој којшто е најголем добитник во првиот круг апсолутно не му одговара, второ ние сме сведоци јавна тајна е дека внатре во ДУИ има две струи едните за едните против, инаку мене воопшто не ме интересира дали некој ме поддржувал или не избирачкото право е лично политичко право едно од најважните и граѓаните гласаат, вели Давкова.
Стево Пендаровски вели дека е запрепастен од сознанието на Гордана Силјановска која знае дека во ДУИ има поделби.
– Мене ме запрепастува сознанието на Гордана Силјановска која знае дека внатре во ДУИ има поделба како ги обезбедила тие информации? Со прислушкување, со доушници во таа партија? Јас на пример немам никаков податок што се случува внатре во ДУИ, вели Пендаровски.
Пендаровски вели дека „не знае зошто Силјановска Давкова прво вели дека се сигурни победници, го знае резултатот пред да заврши бидејќи ќе победат и на претседателски и на парламентарни а условите пред избори ги поставува нејзиниот лидер Мицкоски, кој вели дајте ги гласовите за нашиот кандидат ако сакате да влезете во влада“.
– Значи вели не е добро да се поставуваат услови пред изборите да завршат, условите ги поставува изборниот победник, оној кој на крајот победува и тоа е логиката а не претходно не знам зошто тогаш госпоѓата прво вели дека се сигурни победници со 3:1 го знае резултатот пред да заврши бидејќи ќе победат и на претседателски и на парламентарни а условите пред избори ги поставува нејзиниот лидер Мицкоски, кој вели дајте ги гласовите за нашиот кандидат ако сакате да влезете во влада, вели Пендаровски.
Од друга страна, пак, Силјановска Давкова му порача на својот противкандидат, кога зборуваше за фри-шопови, дека не му личи на претседател да измислува и вака да се однесува.
„Јас ви го признав резултатот, вие умрете барем машки“, порача Давкова.
На ова Пендаровски и врати „ви благодарам на формулацијата околу умирањето“.