Стручното мислење на Комисијата за брани за карпата над браната Матка, тешка околу 20 тони, е дека постои опасност од нејзино одронување, затоа се препорачува изработка на проектна програма, како и техничка документација за санација на карпата, соопшти денеска директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој им препорачува на планинарите и алпинистите да го избегнуваат тој терен, а можно е да биде донесена и забрана за движење во тој дел.
Комисијата за брани, составена од проф. д-р Љупчо Петковски, проф. д-р Зекирија Идризи, проф. д-р Милорад Јовановски, проф. д-р Рагип Хадри, проф. д-р Сретко Цветковски, проф. д-р Грозде Алексовски и доц. д-р Златко Илиовски, потенцира дека е невозможно да се предвиди кога би се случил тој одрон.
– Прогнозата кога би се случил тој одрон е исто така тешка, како да се предвиди земјотрес. Оваа карпа може да остане во ваква состојба уште 100 години, но поголема е веројатноста да падне во следниот период, изјави директорот на ЦУК.