Тешка сообраќајна несреќа се случи вчера во близина на Неготино, на регионалниот пат Демир Капија – Неготино, помеѓу патничко возило и трактор.
Како што информираат од СВР Велес, несреќата се случила околу 16.30 часот, а со тешки телесни повреди се здобиле три лица.
-На 14.11.2023 околу 16.30 часот во ОВР Неготино било пријавено дека на регионалниот пат Демир Капија – Неготино, кај место викано „Дисанска река“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел“ со неготински регистарски ознаки, управувано од Г.Ц.(64) од село Тремник, неготинско и трактор со неготински регистарски ознаки, управуван од Д.Т.(71) од Неготино.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле В.Ц.(56) од село Тремник, сопатничка во патничкото возило „опел“ и возачот на тракторот, констатирани во болницата во Велес. По овластување на јавен обвинител, увид извршила увидна екипа од ОВР Неготино- соопштија од СВР Велес.
Според првичните неофицијални информации, до несреќата дошло поради неисправна светлосна сигнализација на тракторот, но од СВР Велес за ,,Фокус” истакнаа дека истрагата е во тек и се уште не можат да соопштат официјални резултати.
Тиквешијата е земјоделски крај и честа слика на патиштата се тракторите, како и друга земјоделска механизација. Секоја година, посебно за време на сезонските земјоделски работи се случуваат низа на сообраќајни несреќи, па поради тоа редовни се апелите на загрижените граѓани да се споведуваат чести акции и редовни проверки на исправноста на тракторите кои се активни учесници во сообраќајот.
Вики Клинчарова