Русија синоќа изврши воздушни напади врз 10 региони на Украина, а шест лица побараа медицинска помош, меѓу кои и едно дете, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко.
Тој на Телеграм напиша дека руските сили со ракети и беспилотни летала нападнале енергетска инфраструктура, цивилни објекти и приватни куќи и објави дека се уништени околу 10 приватни куќи, а десетици други се оштетени, пренесува Интерфакс Украина.
Премиерот на Украина – Денис Шмихал изјави дека руските напади ја оштетиле енергетската инфраструктура во регионите Дњепропетровск, Виница, Ивано-Франковск, Лавов, Черкаси и Черновци.
Тој изјави дека во некои области има итни прекини на струја.
Командантот на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина – Николај Олешук претходно изјави дека руските сили синоќа извршиле напади врз енергетските капацитети на Украина, користејќи различни видови ракети и беспилотни летала, вкупно 99 средства за воздушен напад и дека украинската воздушна одбрана уништила 84 воздушни цели.