18-годишно момче е обвинето поради реемитување на видео снимката од директниот пренос на Брентон Тарант, кој се стримаше на Фејсбук додека пукаше во жртвите во Крајстчрч. Судот во Нов Зеланд не го соопшти името на момчето. Обвинет е и за поттикнување на насилство поради тоа што објавил слика од џамијата, каде беше извршен терористичкиот напад, со коментар „метата е погодена“.
На момчето му се закануваат над 14 години затвор. Судот одби да го пушти со кауција, поради што ќе остане во притвор до следното појавување на суд, на 8 април.
Според последните информации од истрагата постојат сомневања дека обвинетиот за убиството на 50 луѓе, Брентон Тарант имал поддршка при извршувањето на терористичкиот напад. Полициските власти во Нов Зеланд изјавија дека Тарант делувал сам, но дека не е исклучена можноста да имал поддршка од други луѓе.
Владата во Нов Зеланд подготвува нов закон за оружје, кој ќе биде донесен во рок од 10 дена по нападот.
Инаку, терористот од Нов Зеланд планира да се брани сам во судскиот процес против него. Адвокатот кој му е доделен по службена должност вели дека Тарант не е ментално нестабилен и дека неговата намера е да се брани без правен застапник. Ова внесува нови грижи во јавноста бидејќи расистот може да го злоупотреби тоа за да ги изложува своите екстремистички ставови во судница.
Во петокот, Тарант изврши напади врз две џамии, при што загинаа 50 лица, а повеќе од 40 се повредени.