Терористички напад во Стразбур: Две лице убиени, 11 повредени

by fokus

Напаѓачот, за кој се смета дека дејствувал сам, сè уште е во бегство откако уби најмалку две лица и повреди најмалку 11  во источниот француски град Стразбур, во близина на познатиот божикен базар, кој има огромен број посетители. Локалните медиуми наведуваат дека повеќето од повредените се во критична здравствена состојба.

Властите го третираат нападот како терористички чин. Специјалното Обвинителство за антитероризам отвори истрага за инцидентот.

Полицијата и војската се во потрага по  напаѓачот, кој сè уште е во бегство, но веќе е „идентификуван”, со оглед на тоа што од претходно и бил познат на полицијата, која го третирала како „безбедносна закана”.

„Вооружениот напаѓач е повреден од страна на војниците кои беа во патрола како дел од француската антитерористичка операција Сентинел, но успеа да побегне“, според полицијата. Според полицијата, по нападот бил лоциран во округот  Епинал, каде дошло до престрелка.

Европскиот парламент, чие седиште е во Стразбур, беше блокиран по извештаите за пукањето, по што  на европарламентарците, вработените и новинарите не им е дозволено да ја напуштат зградата, која е на неколку километри од плоштадот.

Претседателот Емануел Макрон рече дека постојано е информиран „во реално време” за развојот на ситуацијата, а на местото на настанот го испрати министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер.

Француското Министерство за внатрешни работи ги предупреди жителите на градот Стразбур да останат во затворен простор откако полицијата соопшти дека дошло до инцидент со пукање.

„Во Стразбур се случи сериозен инцидент по јавната безбедност”, објави Министерството на Твитер. „Од жителите се бара да останат во своите домови. Повеќе информации следат, почитувајте ги инструкциите од властите”, порача француското МВР.

Центарот на Стразбур е целосно блокиран од полиција, а божикните штандови, како и блиските кафулиња се евакуирани.

Поврзани новости