Од Владата велат дека Терминот Северна Македонија за меѓународна употреба официјално ќе почне да се употребува откако Грција ќе испрати известување до НАТО дека го ратификувала Договорот. Се до тогаш останатите држави треба да ја ословуваат Македонија без придавката Северна, како и до сега.
Министерот за надворешни работи вели дека амандманите на Уставот се уште не се во сила.
-И покрај тоа што Договорот помина во двата парламенти има уште некои декори и размени на дипломатски ноти, до тогаш не би требало да работиме на меѓународни документи во оваа смисла – изјави денеска Димитров.
Во медиумите, пак, се појави документ изготвен од косовската Влада, каде секој пат кога се споменува Македонија, тоа е направено со придавката Северна. Документот се однесува на соработка меѓу двете држави за конципирање на Програма за млади наменета за ученици, студенти и наставници. Институциите исто така се наведени како институции на Република Северна Македонија.
Димитров е затекнат од овој документ и вели дека не е изготвуван во неговото Министерство.