Тепихот со сонцето од Вергина е отстранет од директорскиот кабинет на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и сместен во депот, велат од таму за „Фокус“. Отстранувањето следело откако Грција испратила протестна нота до Владата со барање да се ограничи употребата на овој симбол.
Владата ова барање го препратила до претпријатието по што управата на претпријатието донела одлука тој дел од тепихот да се смести во депо, заедно со неколку слики на кои беше насликано сонцето од Вергина.
Јавното претпријатие со ова ја заврши својата обврска во делот од примената на Договорот од Преспа. Договорот предвидува во рок од шест месеци по стапувањето на сила да се отстранат овие симболи од целиот јавен простор и јавна употреба. Ова подразбира и интервенција во спомениците од „Скопје 2014“, бидејќи многу го носат симболот, или на постаменти или на штитовите на антички војници. При тоа археолошките артефакти се изземени.
Договорот стапи на сила, па од денеска се одбројуваат шестте месеци. Во овој период треба да се направи преглед и ревизија на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесуваат на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, да се преземат корективни мерки и активности.