Пилот на „ЕasyJet“ морал принудно да слета откако за време на летот избила голема тепачка во која учествувале десетина „проблематични патници“.
Инцидентот се случил вчера на летот EZI19VZ од Ливерпул кон Тенерифе. По слетувањето, полицајци се качиле во авионот и ги привеле осомничените.
Лицата ќе бидат депортирани назад во Обединетото кралство на следниот достапен лет, пишува Дејли Меил.
Тепачката дошла по жестока дебата за туризмот на Канарските острови, откако претседателот на шпанскиот остров Ланзароте рекол дека островот е презаситен со британски туристи и наместо тоа сака повеќе „поквалитетни гости“ од континентална Европа.
Поради масовната тепачка екипажот побарал присуство на полиција и итно слетување. Шпанските контролори на летање го потврдија инцидентот. Полицајците се качија во авионот при слетувањето и ги приведоа непослушните патници, објави Canary Weekly.
Претходно оваа недела се дозна дека пијан патник го принудил пилотот на летот од Глазгов до Тенерифе да изврши принудно слетување во Португалија.
ЕasyJet соопшти дека му забранува на 55-годишниот Британец да лета доживотно, обвинувајќи го дека е агресивен, пиел алкохол, заплашува други и уринира во кабината.
Поради него, туристите морале да чекаат до утрото додека авионот бил исчистен пред нивниот лет за Тенерифе следниот ден.