Тензијата на косовско-српската граница е предизвикана од Србија, смета косовската министерка Грвала

by fokus

Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Грвала вели дека одлуката на косовската Влада за реципроцитет со Србија за регистерските таблички е во согласност со договорот што двете срани го потпишале во Брисел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на косовското МНР, Грвала на средбата со словенечкиот колега, Анже Логар, на маргините на седницата на Генералното собрание на ОН во Њујорк, изјавила дека „тензијата што се предизвика на косовско-српската граница треба да се гледа како еднострано дејствие на Србија“.

Грвала, се наведува во соопштението, побарала од Словенија, како актуелен претседавач на Претседателството на Советот на ЕУ, поддршка за унапредување на европската агенда на Косово, за што добила ветување од Логар.

Владата на Косово вчера почна да ја спроведува одлуката за задолжително опремување со времени таблички на возилата кои влегуваат од Србија преку косовските гранични премини. Времените таблички со ознаката РКС чинат пет евра и се со важност од 60 дена.

Оваа одлука предизвика протести на Србите во северно Косово, кои со патнички и други возила вчера и денеска го блокираа граничниот премиен Јариње, а уследија и остри реакции од офцијален Белград. Поради настанатата ситуација, српскиот претседател Александар Вучиќ за денеска свика вонредна седница на државниот Совет за безбедност, додека официјален Брисел ги повика Приштина и Белград да ги смират тензиите.

Поврзани новости