Жителите на Блатец и натаму деноноќно стражарат и го блокираат пристапот за механизацијата на приватната компанија што има државна дозвола за изградба на мала хидроцентрала на реката Блатешница.
Како што објави Телевизија 24, вчерашните разговори меѓу претставници на жителите и Министерството за енергетика не донеле конкретно решение. Жителите бараат целосно поништување на концесијата доделена од Владата и најавуваат дека ќе останат на терен, формирајќи „жив штит“ за да спречат движење на градежната механизација, поради страв од еколошки и други последици.
Според ТВ24, Владата ѝ препорачала на Општина Виница да му овозможи на концесионерот да започне со градба. Од Владата официјално информираат дека рокот за почеток на градежните работи е продолжен до 7 март.
Инвеститор на малата хидроелектрана е компанијата Енерџи лукс од Кочани, која засега не се огласила по протестната блокада.
Во текот на денот имало тензии меѓу жителите и претставници на компанијата, при што ситуацијата била на работ на инцидент. Блокадата во Блатец продолжува.