Меѓусебни обвинувања, реплики и контрареплики, на ова се сведе денешното второ продолжение на 104. собраниска седница. Пратениците повторно ги спротивставија ставовите околу владината коалиција и реконструкција која за ВМРО-ДПМНЕ, како што беше речено, е „’Пазар 3’, синоним за лага, манипулација, лицемерие и хипокризија“, додека за СДСМ – опција која ја води државата напред кон европската иднина.
Според ВМРО-ДПМНЕ, новото парламентарно мнозинство нема да биде стабилно, а целта на реконструкцијата е само да се продолжи рокот на Владата уште 10 месеци. Притоа, работите во државата нема да се подобрат. СДСМ, пак, порача дека новото и поголемо парламентарно мнозинство ќе овозможи посигурни услови за реформи и економски политики, а ВМРО-ДПМНЕ само блокира, опструира, шири лаги и манипулации зашто ниту едно нејзино црно сценарио не успеа – има струја и нафта, има топлинска енергија за скопјани, двете стратешки одредници се случуваат сега, во времето на оваа власт, потпишан е ФРОНТЕКС,… Со ВМРО-ДПМНЕ, оценија пратениците од владејачката партија, државата не може да оди напред, а тоа го гледаат и граѓаните и меѓународната заедница.