Веќе неколку денови на скопската Клиника за детски болести се кршат копјата за тоа кој ќе седне на директорското столче?
Детската клиника се смета за една од најкритичните клиники, со оглед на тоа што таму се хоспитализираат најтешко болните деца. Според нашите информации, првиот човек на клиниката ќе биде од редовите на ВРЕДИ, поточно на директорското столче ќе седне Реџеп Мемеди, кој доаѓа од Алтернатива.
Иако, актуелниот министер за здравство Арбен Таравари во последната недела назначи повеќе од 15 директори, сепак Мемеди се уште официјално не ја преземал функцијата.
Веќе неколку денови до редакцијата на „Фокус“ стигаат бројни реакции против неговото назначување. Повеќето од лекарите-специјалсити се против таквата одлука на Таравари, со оглед на тоа што тие сметаат дека со оваа клиника треба да менаџира искусен лекар, кој добро ја познава работата.
„Ова не смее да се случи. Станува збор за неискусен лекар и ние не можеме да дозволиме тој да раководи со клиника, како што е Клиниката за детски болести“, едногласно тврдат дел од
лекарите.
Тоа што е уште пострашно во целата приказна што повеќето од нив се закануваат дека ќе ја напуштат клиниката, ако Мемеди седне на директорското столче, што ќе предизвика дополнителен хаос внатре, каде што се лекуваат најмалите.
„Воопшто не се мислам. Ако тој биде назначен за директор, јас веднаш ќе се спакувам и ќе си одам“, објаснува за „Фокус“ докторка, која е повеќе од 25 години на Детска клиника.
Атмосферата внатре е тензична и веќе една недела сите се на нозе, не дозволувајќи назначување на Мемеди за директор. Тој е специјалист по педијатрија и пратеник во периодот од 2016 до 2020 година.
Со клиниката досега раководеше доктор Валентина Цвејоска- Чолаковска, која успеа да воведе ред, да им помогне на пациентите со Цистична фиброза, кои со години се молеа за потребниот лек.
Ирена Мулачка