Темпирани бомби на улиците во Неготино и Кавадарци

by Fokus
Малолетници кои си прават ноќни трки со мопеди и мотоцикли, млади лица кои под полн гас возат низ главните улици, трактори со неосветлени приколки, коњи кои слободно сами се движат по улица, па дури и запрежни коли кои возат во спротивен правец по еднонасочна улица, се редовни слики со кои се соочуваат жителите на Неготино и Кавадарци.
 
Граѓаните револтирани поради неажурноста на полициските службеници, често знаат да се пожалат кај медимуите, но велат и дека неретко се јавувале во полиција, алармирајќи за бесните и неодговорни возачи, поради кои во тек на целиот летен период им бил нарушен сонот.
 
Но и покрај сите поплаки и јавни апели да се воведе ред на улиците, проблемите остануваат.
 
Посебно сега, во период кога е започната бербата на грозје, во Тиквешијата е зачестено присуството на трактори со неосветлени приколки. Се движат по улиците и кога е веќе темно, а граѓаните стравуваат за својата безбедност.
 
Неодамна жител на Кавадарци успеал да фотографира ситуација, кога запрежна кола минува токму покрај Полициската Станица во Кавадарци, движејќи се по еднонасочната улица во спротивен правец, а полицаецот стои пред неа и воопшто не реагира. Истите фотографии беа објавени во повеќе локални медиуми, а кавадарчани велат дека исти слики може да се забележат секој ден.
 
И проблемот со неколкуте коњи, кои слободно шетаат низ улиците на Кавадарци, во близина на Здравствениот дом, се нешто на кое луѓето веќе свикнале, оти со години никој не превзел ништо околу нив, но и против нивниот сопственик кој слободно ги пушта да одат на пасење, и се враќаат сами во тек на ноќта. Останува прашањето, кој ќе сноси одговорност, доколку поради сите овие нерегуларности и кршења на законот, се случи некоја трагедија.
 
Жителите на Тиквешијата бараат зголемено присуство на полициски контроли на улиците, но и нивна ажурност, посебно во летниот период, поради, како што велат овие темпирани бомби кои се закана за животот на невини луѓе.
Вики Клинчарова

Поврзани новости