Темпирана бомба за возачите на патниот правец Кочани – Македонска Каменица: Паѓаат карпи, шетаат крави!

by Фокус

На регионалниот пат Македонска Каменица – Кочани одронати карпи ја потиснале заштитната ограда направена од камења во мрежа и во секој момент можат да се излизгаат на патот. Возачи кои редовно минуваат по овој патен правец загрижено раскажуваат дека карпите кои започнале да се одронуваат и ја потиснале камената ограда се слика која што ја гледаат неколку недели. Тие тврдат дека тој дел на патот е како темпирана бомба, и само прашање на време е кога одронот ќе падне на коловозот.

-При првиот посилен дожд може да се случи трагедија и одронот да заврши врз некое возило. Камената ограда стои навалена под притисокот од карпите кои се ронат, и веќе со недели никој од надлежните служби не се појавил да го санира проблемот. Со страв минуваме на тоа место – ни раскажаа жители на Кочани, кои секојдневно го користеле патниот правец Македонска Каменица – Кочани.

Неколкутонските карпи надвиснати над патот изгледаат застрашувачки. Дел од екипата на ,,Фокус” излезе на самото место. Се работи за регионален пат каде секојдневно минуваат стотици лесни и тешки возила, а патниот правец го користат и голем број на возила кои патуваат во соседна Бугарија, преку граничниот премин кај Делчево.

Но, освен одроните, патот на моменти личи и на пасилиште каде слободно се шета крупен добиток. Возачите се плашат дека поради нечија негрижа може да се случат несреќи со фатални последици. Кравите се движат слободно по коловозот, без присуство на сточар, дури и во вечерните часови, а по многубројните апели, состојбата не била променета.

-Апелираме до Македонија пат да го среди проблемот пред да се случи трагедија – велат граѓаните, загрижени бидејќи со недели не била започната санација на одронот, а и проблемот со добитокот бил присутен со години наназад. Во повеќе наврати на патниот правец Делчево – Македонска Каменица – Кочани одрон од карпи го има блокирано патот. Лани во февруари огромни карпи паднаа на патот и за среќа во тој момент не поминувало возило. Тогаш патот се расчистуваше со денови, и се користеа алтернативни патишта преку Виница и селата Драгобрашта и Бигла – велат загрижени граѓани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости