Владимир Темелковски, кандидат за претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ)
ФОКУС: Објавивте кандидатура за МКФ минатата недела, од каде желбата и амбиција за овој предизвик?
ТЕМЕЛКОВСКИ: Од најмали години па се до денес бев опкружен и дел од кошаркарската магија. Дел како играч и судија, а последниве 15 месеци ја обавував функцијата на спортски директор при МКФ. Одблиску ги пратев и имав шанса да се запознаам со проблемите и предизвиците не само на федерацијата туку и на клубовите и на играчите.
Сметам дека по успешниот пример на РФМ, за враќање на кошарката на правите патеки, потребен е пред се успешен менаџерски тим составен од професионални менаџери кој ќе работат на обезбедување на средства и услови за подобро функционирање и на федерацијата и на клубовите. За потоа, пак, спортистите преку спортскиот директор кој ќе биде врвно име од нивните редови ќе има подобри услови да развие долгорочна спортска стратегија која ќе ги опфати и сениорите, но која ќе ги постави и здравите темели на идните млади кошаркари.
Без добар менаџмент во 21 век е невозможно да се постигне успех колку и да се има талент и желба, потребни се средства и услови за работа.
ФОКУС: Каква е моменталната состојба во Македонската кошарка?
ТЕМЕЛКОВСКИ: Моментално кошарката се соочува со многу проблеми. Како од инфраструктурен карактер така и од финансиски карактер. Клубовите тешко наоѓаат и сали и средства за работа, а со тоа е отежнета и целата работа на тренерите.
Младите ги има и имаат желба за развој и успех, но станувањето врвен спортист е долгорочен процес кој покрај желба и талент, подразбира и тим од експерти и многу посветеност и работа.
ФОКУС: На што се темели вашата програма?
ТЕМЕЛКОВСКИ: Пред се на менаџирањето со ресорсите и обезбедувањето на што подобри услови за работа на клубовите и на репрезентациите. За спортскиот дел одврзани раце и услови ќе има спортскиот директор кој што ќе ја креира програмата и тимот за работа и успех.
Моја задача и на менаџерскиот тим од управниот одбор е да му ги обезбедиме најдобрите услови за тоа.
ФОКУС: Што е клучно за вашата програма да успее?
ТЕМЕЛКОВСКИ: Прво и најважно е екипата и професионализмот во неа, а потоа и тајмингот и средствата за работа. Јас сум фамилијарен човек но и посветен работник. Ранобудник сум и не сакам да губам време. Така и кошарката нема време за губење. Спортот, а не само кошарката еволуира и од ден на ден е подинамична и побрза. Промените доаѓаат ненајавени и мора брзо да се справиш и да се прилагодиш на нив.
За планот да е успешен потребно е посветена тимска работа, прецизни рокови и обезбедување на средства за работа. Ако секој го заврши она за кое што се нафатил успехот ќе дојде со работата.
ФОКУС: Како најмладите да се „заразат“ со кошарка?
ТЕМЕЛКОВСКИ: На најмладите им требаат успешни примери за дополнителна мотивација за работа. Од кога сум на функцијата спортски директор со сениорите успеавме да освоиме 2 први места во пред квалификациите, а со генерацијата под 16 имавме бронза во Сараево и пласман во А дивизија по повеќе од 10 години.
На младите им требаат услови за работа. Од чисти и топли сали до професионални индивидуални и тимски тренери како и до што повеќе натпревари за игра. Младите се нашата иднина и треба што повеќе да работиме за да ги заразиме со вирусот наречен Кошарка.