Телото пронајдено при ископ е на Славе, штипјанецот по кој се трагаше шест месеци: Обдукцијата ќе даде одговор како починал!

by Fokus

Штипјанецот Славе Димитриевски, по кого се трагаше од 14-ти август лани, е лицето чие тело беше пронајдено утринава, при ископ во Штип.

Информацијата ја потврдија од Министерството за внатрешни работи, од каде посочуваат дека телото на починатиот е дадено на обдукција.

-Денеска (22.02.2025) во 09.46 часот во СВР Штип било пријавено дека при вршење ископ при извршување градежни работи во круг на јавно општинско претпријатие било пронајдено тело на починато машко лице.
По преземени мерки, извршен увид и извршено препознавање, било констатирано дека станува збор за С.Д.(86) од Штип, кој беше пријавен за исчезнат на 15.08.2024. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција, соопштија од МВР.

За исчезнатиот старец ,,Фокус” пишуваше и во минатото. Набргу откако беше пријавен за исчезнат, неговото семејство изјави дека уште истиот ден, откако не се вратил дома, пријавиле во полиција.

Тој беше едно од трите лица кои исчезнаа во Штип во рок од еден месец минатото лето. Околу три месеци по исчезнувањето беше пронајдено телото на Драгица Ристевска (74), односно остатоци од нејзиното тело. Ги пронајде нејзината ќерка, на околу еден километар од нивниот дом, покрај пат. Официјално, кога и од што починала жената, нема информации.

По штипјанецот Драган Стојанов (40), кој исчезна четири дена пред Славе, односно на 10-ти август, се уште се трага.

Вики Клинчарова

Поврзани новости