Безживотното тело на Зојка Луковиќ, родена 1954 година, денес било пронајдено над манастирот „Св.Еремија“ во населба Пинтија, Скопје, од страна на случаен минувач.
Жената беше исчезната седум дена, а нејзиниот син Марјан вчера за ,,Фокус” раскажа за настанот и јавно апелираше за помош во нејзиното пронаоѓање.
Денес Марјан, кој е син единец, скршен од болка открива низ што минувал изминативе денови, откако неговата мајка заминала од дома на 31-ви декември, околу 12 часот, и и се изгубил траг.
“Денес ја добивме лошата вест, мајка ми била пронајдена од случаен минувач. На телото немало траги на насилство. Ова е премногу болно за мене, но сепак сакам да упатам јавен апел до надлежните служби, секој повик за помош, секој аларм за исчезнат граѓанин да биде сфатен сериозно и да се покаже голема ажурност уште истиот момент.
Дента кога исчезна мајка ми, во 18 часот за последен пат се слушнав со неа. И се јавив да ја прашам каде е, таа ми одговори на повикот, но не можеше да зборува. Веднаш знаев дека нешто сериозно се случува, дека и треба помош. Токму поради тоа јас веднаш пријавив во полиција, да го лоцираат телефонот, да ја најдеме.
Ако ја пронајдевме на време, можеби таа сега ќе беше жива…
Мене ми беше кажано дека телефонот последно е лоциран во Драчево, затоа и таму барав.
Со денови проверував ниви, канали, насекаде барав… Но, локацијата била погрешна. Таа беше случајно пронајдена од минувач покрај манастирот… Кога некој пријавува исчезнување на човек, мора веднаш да се преземаат ригорозни мерки за пронаоѓање, а јас самиот молев граѓаните да ги проверуваат надзорните камери пред нивни објекти, случајно да не била снимена. Најважни се првите часови по исчезнувањето, сега е доцна за се – раскажува синот.
Додава дека јакната која ја носела мајка му била во впечатлива црвена боја, токму поради тоа верувал дека доколку потрагата била масовна и темелна уште од почеток, таа ќе била пронајдена порано, можеби и додека била жива.
Потенцира дека кога се работи за исчезнато лице, мора да се вклучат сите расположливи ресорси, кучиња трагачи, дронови, хеликоптер, затоа што често пати времето може да значи спасен живот.
“Разочаран сум и скршен од болка. Денес ова е мојата мајка, утре може да биде било чија мајка, сестра, ќерка… Мора да се менуваат нештата, да се покаже огромна ажурност од институциите. Затоа во овие тешки моменти упатувам апел, фотографијата на секој пријавен за исчезнат од страна на институциите да биде насекаде објавена, да се проверуваат во истиот момент камери, да се вклучат големи екипи во потрагата. Јас ете, добив погрешен траг и барав во Драчево, не се опишува колку жалам што не барав и на други места, што не успеав да ја најдам на време – вели синот.
Упати огромна благодарност до сите граѓани кои сочувствувале со него, кои ја споделиле фотографијата на мајка му, кои на било каков начин се понудиле да помогнат во потрагата. Се заблагодари и на медиумите.
-Имав неколку повици, кога луѓе се препознале, помислиле дека станува збор за мајка ми, одев секаде каде мислев дека ќе ја најдам. За жал, се работеше само за препознавање. На сите сум им благодарен, во секој случај, никогаш никому да не му се случи вакво нешто- порача синот на Зојка.
Вики Клинчарова